Македонија
Катица Јанева е библиотекарка во „Идризово“, и годинава користела велигденски викенд
Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и годинава користела продолжен празничен викенд исто како и минатата година. Новиот директор на затворот „Идризово“, Зоран Јовановски, за „Макфакс“ вели дека Јанева уредно се вратила во затворот и веќе ги извршува редовните затворски обврски.
„Не знам точно кога излезе, но постапи според она што ѝ беше дозволено и се врати во затворот. Од утрово веќе ги извршува тековните затворски обврски. Работи во библиотеката, библиотекарка е. Користи викенди и излези секогаш кога тоа го дозволува правилникот, работиме строго по него. Го добива она што ѝ следува во согласност со издржаниот дел од казната“, вели директорот Јовановски.
Затворската казна на Јанева ѝ истекува на 21.8.2026 година, но директорот Јовановски не ја исклучува можноста за помилување.
„Според она што го имаме како податок во моментот, дополнително проверував, таа треба да остане во затвор до 21.8.2026 година, тогаш ѝ истекува седумгодишната казна затвор. Но, тоа е само во овој момент оти Јанева има можност да биде помилувана, амнестирана. Не можам да зборувам за претходно, но откога јас сум директор, таа е примерен затвореник“, рече директорот Јовановски, кој на предлог на премиерот Димитар Ковачевски беше назначен за директор на 21 март годинава.
Некогашната шефица на специјалното јавно обвинителство првпат искористи излез за празничен викенд за велигденските празници лани. Беше забележана како пазарува во супермаркет, а Управата за санкции, на барање на медиумите, објасни дека Јанева стекнала право да користи викенди токму на Велигден, на 23 април, кога се празнуваше Велјасабота оти издржала една третина од казната.
Јанева беше притворена на 21.8.2019 година, а во јуни 2020 година беше осудена на седум години затвор во случајот „Рекет“ за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Заедно со неа на девет години затвор беше осудени Бојан Јовановски-Боки 13 за примање награда за противзаконско влијание и перење пари и Зоран Милески-Кичеец, кој за истото дело како и Јовановски призна вина и доби три години затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска учествува на 19. Конгрес на Конференција на европски уставни судови во Молдавија
Претседателката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Добрила Кацарска, учествуваше на 19. Конгрес на Конференцијата на европските уставни судови (CECC) кој оваа година се одржа во Кишињев, Република Молдавија.
Во рамките на Конгресот, се одржаа три пленарни сесии со фокус на односот помеѓу уставните и меѓународните судови, политиката и правото во корелација со надлежностите на уставните судови и примената на уставните принципи во вонредни ситуации кога се ограничуваат слободите и правата.
Кацарска, имаше активно учество и на состанокот на претседателите на уставните судови – членки, каде, беа разгледани и беше одлучено за повеќе прашања од значење за функционирањето на оваа асоцијација.
Во текот на овој конгрес се одлучи Уставниот суд на Албанија да претседава со оваа асоцијација и да го организира следниот конгрес на Конференцијата на европските уставни судови, кој треба да се одржи за три години.
На Конгресот се обратија и претседателката на Република Молдавија, Маја Санду, претседателката на Европскиот суд за човекови права Сифора О’лири претседателката на Венцијанската комисија Клер Бази Малори.
На дводневниот 19 Конгрес на Конференцијата на европски уставни судови којшто се одржа од 22-23 мај 2024 година учествуваа членови и делегации од над 35 уставни судови.
Македонија
Џафери: Успеавме во заложбите, македонскиот јазик да биде рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици во EУ, се продолжи и делото на Свети Кирил и Методиј
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во името на Владата и во свое име, го честиташе 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и патронен празник на Универзитетот „Свети Кирили и Методиј“ во Скопје, на ректоката, Биљана Ангелова, на деканите, продеканите, професорите, сенаторите, на студентите на универзитетот и на граѓаните.
Денешниот двоен празник, повикува на упорност и верба во науката и во образованието, како стожерни двигатели на развојот на современа и европска држава, каква што сите посакуваме и целиме да биде Република Северна Македонија. Таквата водечка улога во овој процес му доликува на првиот државен универзитет „Свети Кирил и Методиј“, еден од столбовите на македонската државност и на вас како продолжувачи, и сегашни и идни наследници, на просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј.
Затоа што, како што вели и Свети Климент Охридски за неговите учители „тие со добар подвиг и со цврска вера, минаа како сонце, осветлувајки ги темните места со своите стапки“. Не била лесна битката на Браќата Кирил и Методиј, кои во времето кога постоеле само три привилигирани јазици, успеале да го внесат словенскиот јазик на рамнправно рамниште со нив. Со тоа започнува да се развива и современата македонска писменост.
И нивното инспиративно дело е и треба да биде патоказ како може и треба да се работи во остварувањето свети цели.
Како генерации на денешнината и посебно последниве неколку години, успеавме во заложбите македонскиот стандарден јазик да биде рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици и во Европската Унија и се продолжи и делото на Свети Кирил и Методиј како темелници на европскиот интеркултурализам. На вас е со поголеми сили и да продолжите да се вложувате во науката и образованието. Споделувајте го знаењето и бидете гласни и храбри пред политиката, во развојот на научнообразовната дејност и во нејзиното место во општеството, затоа што вашето влијание е потребно во одржувањето на демократските текови на современа и европска Република Северна Македонија“, напиша премиерот Џафери.
Македонија
Сиљановска Давкова по повод Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј: Тие се наш патоказ за иднината
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.
„Од сè срце ви посакувам празникот да го поминете во добро здравје, љубов и хармонија, исполнети со радост и со среќа што имаме можност да ги ползуваме плодовите на великото дело на солунските браќа. Благодарение на нив, словенските народи добија можност да ја развиваат својата духовност, култура, образование, наука. И македонската јазична и културна самобитност, но и светогледот и космополитизмот се втемелени од нивната работа и достигнувања, и од нивното човекољубие.
Светите Кирил и Методиј покажаа дека со знаење, жед за вистината, правдољубивост, посветеност, хуманизам и благородност, можат да се надминат ограничувањата и да се победат неправдите. Историјата на Европа и на светот нема премногу примери на така влијателни личности коишто имаат оставено печат на своето време, но и патоказ за иднината и кои се светилници на човечката цивилизација. Затоа нивното дело и по еден цел милениум не бледнее и не губи на значење.
Нека подвигот на светите браќа и понатаму бидe наш патоказ и морална и духовна вертикала за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање“, напиша Сиљановска Давкова.