Македонија
Кисела Вода обезбеди 10 нови метларки за почисти улици
Денеска во просториите на општина Кисела Вода се промовираа 10те нови метларки кои се обезбедија преку проект ,,Зајакнување на општинските совети” заедно со поддршка на Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа во соработка со УНДП.
„Се работи за проект кој во целост се совпаѓа со нашите стратешки заложби за подигнување на транспарентноста и зголемување на довербата кај граѓаните преку нивно активно учество во креирањето на приоритетите на Општина Кисела Вода. Нашите жители беа вклучени во целиот процес. Низ пет форумски сесии граѓаните најпрво ја бираа областа, а потоа и го избраа проектот кој веќе е реализиран и кој денес го промовираме. Мнозинството како тема ја избра животната средина и одлучи дека треба да се набават машини за метење кои треба да ни помогнат нам, како локална самоуправа да бидеме поефикасни во одржувањето на чистотата на нашата општина. Преку проектот ,,Зајакнување на општинските совети” што го финансира Швајцарската Влада и Министерството за локална самоуправа, беа обезбедени средства и овие популарно кажано ,,метлачки”, веќе ни стојат на располагање. Воедно, бидејќи во Кисела Вода мислењето на секој наш жител има голема важност, ги разгледавме и прифативме и останатите предлози кои не добија потребен број на гласови, но тие ќе бидат реализирани како наши следни чекори. Од самиот почеток, јас како градоначалник и тимот со кој работам, сме посветени на одговорна и транспарентна работа целосно во служба на граѓаните. И за овој проект, но и за сите други претходно бевме во дослух со нашите жители и нивните потреби. Тоа е наша траекторија по која продолжуваме да се движиме бидејќи сме свесни дека интегрирањето на граѓаните во процесот на донесување одлуки е најправилниот начин со кој може да се унапредат условите за живеење во нашата општина. Сакам да упатам голема благодарност до УНДП, до Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа со кои успешно го спроведовме овој проект, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

