Македонија
Климатските промени разгореа дискусија меѓу младите на „Џифони Македонија“
Горливата тема на аерозагадувањето и на климатските промени вчера предизвика дискусија помеѓу младите учесници на „Џифони Македонија“, во која ги водеа претставнички на здружението „Екосвест“. Добро информирани, но признаа дека им недостига повеќе знаење на темата да стекнат на училиште.
Елена Николовска и Ана Чоловиќ-Нешоска од „Екосвест“ им порачаа на младите: „Политичарите многу сакаат да зборуваат и никогаш не се движат со темпото што ние го сакаме. Вклучете се во движења, групи, здруженија и бидете гласни и ќе ги поттикнат политичарите и да не седите со скрстени раце!“
На начин приспособен за нивната возраст, а и со квиз, од „Екосвест“ ги образоваа младите што е најважно да знаат за оваа тема. „97 проценти од климатските научници веруваат дека климатските промени се предизвикани од човечки фактор и луѓето многу често не веруваат во тоа. Но, не е ни важно дали верувате или не. Најважното е дека постојат климатски промени и дека мора нешто да направиме да ги спречиме и да ги ублажиме“, рече Николовска.
Гимназијалка од Скопје сподели дека заедно со малкумина во своето училиште се обидуваат да влијаат на екосвеста.
„Во нашето училиште формиравме клуб насочен кон овие прашања, но главен проблем ни е што не знаеме како да ги придобиеме младите да ни се придружат и многу е мал бројот на нашите соработници што сакаат да придонесат. Треба повеќе да учиме на училиште за ова. Најмногу што нè учат е за озонската дупка, а не и за климатските промени“, вели таа.
Бендот „Дупер“ вчера беше вистинска ѕвезда на третиот ден на „Џифони Македонија“. Младите им ги пееја песните, имаа куп прашања да им постават, а и се сликаа со нив. Борис Какуринов, гитара и клавијатура, и Илчо Нечовски, вокал и бас-гитара, искрено одговараа на сите прашања доловувајќи ја својата приказна. Признаа дека не им треба нов член во бендот, иако добар женски вокал е добредојден за соработка.
„Завршивме во гимназијата ‘Орце Николов’, каде што на часовите по музичко многу често свиревме двајцата. Со текот на времето си рековме дека треба да направиме наша музика и да не бидеме како оние што само зборуваат дека немаме музичка сцена. Решивме да го извадиме најдоброто од нас. Ние имаме другарство и однос меѓу себе, што е реткост и треба да се чува“, вели Борис.
На прашањето дали повторно би работеле со продукциска куќа, бидејќи веќе не соработуваат со „Авалон“, двајцата споделија „денес можете сè да постигнете сами“.
Илчо сподели дека се среќни што многу луѓе им ја слушаат музиката, на некои дури и им се допаѓаат, а некои и ги пеат. „Уживаме во сопствената музика и како луѓето реагираат. Нема да пееме на англиски јазик. Ние двајцата сме Македонци и ми е чудно да пееме на англиски. Не сум чул Американци да пеат на друг јазик. В година излегува нов албум и ќе се вика „Хипер“, вели Нечовски.
На прашањето дали знаеле однапред дека „Не сум твој тип“ ќе биде хит, одговорија:
„Не можете да замислите и однапред да знаете кои песни ќе ви бидат хит. Имавме две песни што мислевме дека ќе бидат хит, а не ги ни снимивме. Цело време експериментираме со жанровите. Сакаме да правиме рап, ќе правиме и метал, а веќе имаме и една транспесна“.
На прашањето дали би учествувале на Евровизија, категорично рекоа: „Нема шанси!“
Тој сподели со публиката дека музика што многу го смирува е класичната, особено чешките композитори. „Како мал одев на музичко и слушав класика и ми остана таа музика, особено чешките композитори. Омилена композиција ми е ‘В’лтава’ од Беджих Сметана“. На прашањето дали имаат идоли, тој одговори дека тоа се неговите родители.
Младите кадети и сениори вчера ги запознаа и авторите на филмот „Јас не сум Игор“. Тие покажаа голем интерес и одлично го примија филмот што го промовираа режисерот Сергеј Ѓеоргиев и актерот Стефан Спасов.
На меѓународната вечер џифонци од 10 земји се претставија во најдобро светло, со специјалитети од нивните земји, а забавата за младите продолжи со диџеј Џани Мирабело од Италија. Патувачката училница Una vita da social – „Живот на социјалните мрежи“ деновиве предизвикува големо внимание кај младите и наставниците од повеќе општини во Скопје. Денес, училницата ќе се најде пред А1 арената „Борис Трајковски“, а експерти од италијанската полиција на младите ќе им доловат како е најдобро да се заштитат од измами на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Изборниот ден тече мирно со регистрирани помали инциденти
До сега Министерството за внатрешни работи нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, генерално, се одвива мирно, без проблеми, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.
„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за залепени плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје и се преземааат мерки за расчистување на случаите. Исто така, имаме пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово село Баница, струмичко и општина Боговиње, но по преземени мерки од страна на полициските службеници, тие наводи до сега не се потврдени“, соопшти Ангеловски.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните и до учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти, а доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112 или да пријават во најблиската полициска станица.
Македонија
Со УВ ламба и спреј ќе продолжи гласањето на избирачки места во Кочани, Охрид и Куманово
На едно избирачко место во Кочани, едно во Охрид и едно во Куманово, каде што утрово беа пријавени технички проблеми со биометриските уреди, гласањето ќе продолжи со УВ ламба и спреј. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски рече дека на сите останати места гласањето се тече без проблеми.
„Што се однесува до избирачките места кои ова утро имаа проблеми со користење на техничките апарати, во три избирачки места се отстранети, а во три ќе се продолжи со гласање со УВ ламба и спреј. Тоа се 0838/1 во Кочани, 1252 во Охрид и 1100 во Куманово. Само на тие места ќе се гласа на стариот начин бидејќи на сите други места гласањето е во ред“, рече претседателот Даштевски.
Технички проблеми со биометриските уреди утрово беа пријавени и на гласачки места во Тетово и во Гази Баба.
До 11 часот во ДИК стигнале 164 приговори за лично избирачко право. Од нив 50 се усвоени и на гласачите им е овозможено да го остварат правото на глас, седум приговори се отфрлени како неуредни, а девет приговори се одбиени. Останатите се уште се во обработка.
Македонија
Одѕивот на претседателските избори до 11 часот е 12,87 отсто, а на парламентарните 13,69 отсто
Според податоците од 2080 избирачки места за претседател на државата до 11 часот гласале 12,87 отсто од гласачите. Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека од вкупно запишани 1.096. 219 гласачи на овие избирачки места гласале 141.087 гласачи односно 12,87 отсто.
Најголем одѕив за претседателските избори има во Пробиштип 27,85 отсто, а најмал е одѕивот во Липково 1,76 отсто.
„Може да се забележи дека во Источна и Централна Македонија многу повеќе гласачи гласале на претседателските избори отколку во Западна Македонија каде што процентот е многу низок“, рече претседателот на ДИК Александар Даштевски.
До 11 часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите за парламентарните избори од 1.976 избирачки места. Од вкупно запишани 1. 030.092 гласачи на овие избирачки места гласале 140.990 граѓани. Одѕивот е 13,69 отсто. Најголем одѕив на парламентарните избори има во Кривогаштани 28.38 отсто, а најмал е одѕивот во Врапчиште 5,2 отсто.
Претседателот Даштевски речe дека споредено со парламентарните избори во 2020 година на денешните избори има зголемување на одѕивот од 2,69 отсто.