Македонија
Ковачки: Спасовски излажа за два клучни моменти од истрагата за киднапирањето и убиството на Панче и малата Вања

Оливер Спасовски ја излажа македонската јавност за два клучни моменти, вели Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
„Прво, дека возилото на убиениот Панче со кое е извршено киднапирањето на Вања не било барано затоа што не знаеле дека и тоа е исчезнато.Ова е лага затоа што возилото е пријавено во СВР Велес како исчезнато, за што постои и официјален запис во МВР. И второ дека возилото за прв пат го наоѓаат на камерите на “Безбеден град” на 27 ноември, односно на денот на убиството на Вања. Како што веќе прашавме, а Спасовски одбива да одговори дали е точно дека возилото е регистрирано на системот “Безбеден Град” на 24 ноември во 6:30 и 25 во 21:15 кај Маџари, денеска ќе потврдиме дека возилото е регистрирано на системот “Безбеден Град” во наведените термини и локација, што укажува на уште една лага на МВР Спасовски, вели Ковачки.
Според него МВР на Спасовски целосно потфрли и за ова мора да има одговорност.
„Најмалку сакаме овие информации кои ги објавуваме да се сфатат во насока на некакво партиско политичко препукување. Но, должни сме јавноста и сите граѓани да предупредиме на пропустите во истрагата на министерот Спасовски како и на нивните погрешни информации кои ги соопштуваа, кои доколку не се случеа, убијците на Вања ќе беа откриени и немаше да се случи второто убиство. Очекуваме одговори на нашите прашања, додава Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, од утре засилен северен ветер, пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 11 до 19, а максималните од 26 до 38 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб со умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната ќе достигне 38 степени.
УХМР информира дека од утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Земјотресот на Света Гора почувствуван и во Македонија

Силниот земјотрес на Света Гора почувствуван и во југоисточниот дел на Македонија.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес 7 јуни 2025 година регистрираа серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од соседна Република Грција.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, почувствуван е земјотресот во 14 часот и 46 минути чиј епицентар се наоѓа 290 km југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда M L 5.2.
Земјотресот беше почувствуван во југоисточниот дел на Републиката со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, известија од Сеизмолошката опсерваторија.
Македонија
АХВ го одбележа 7 Јуни – Светски ден на безбедна храна

Aгенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се приклучи и ја поддржува глобалната иницијатива и го одбележа 7 јуни, Светски ден на безбедна храна. Со едукативен и спортско рекреативен настан наменет за граѓаните и децата, денес, во паркот Авионче во скопската населба Ново Лисиче на присутните им беа поделени едукативни флаери за безбедноста на храната, а за најмалите се одржаа спортско-рекреативни игри преку кои се афирмираше безбедноста на храната и нејзиното значење.
На 10 јуни, во вторник, со поддршка и во соработка со Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе одржи настан за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната на која ќе учествуваат реномирани претстставници од EFSA, од научните и други институции поврзани со прашпања кои се однесуваат на производството на храна и нејзината безбедност.
Годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – 7 јуни е „Науката во акција“ и тоа денес не потсетува на важноста на науката како основна алка од синџирот на безбедна храна. Едноставно, тоа е дел без кој не се може и кој ги создава основите за креирање на политиките за безбедност на храната од страна на институциите, како што е и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Преку едукативниот спортско рекреативен настан кој се одржа денес и настанот кој во соработка со EFSA ќе се одржи во вторник, АХВ и годинава активно работи на подигнување на свеста на граѓаните за важноста на безбедноста на храната и за превенирање и управување со ризиците со цел унапредување на нивното здравје.