Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Го исполнивме аманетот на нашите предци – до крајот на 2025 година, нов „Центар за македонски јазик“ во Љубојно
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, и проф. д-р Елизабета Бандиловска, член на Советот за македонски јазик, денеска во преспанското село Љубојно направија увид во започнатата реконструкција и адаптација на старото училиште „Димитар Влахов“ во „Центар за промоција на македонскиот јазик“.
„Владата, Министерството за култура и Заводот и музеј од Битола со сето срце и одговорност се заложија објектот со имотен лист број 55 да заживее во чест на македонските дејци и на сите просветни работници, како и во чест на оние на кои споменот на школските денови во старото училиште е повеќе од спомен. ’Центарот за македонски јазик‘ ќе биде наш заеднички паметник за кој до крајот на наредната, 2025 година, со задоволство ќе речеме – аманетот го исполнивме“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура рече дека секогаш со радост му се враќаме на Љубојно, на ова македонско образовно светилиште, кај темелите на нашето описменување на мајчин, македонски јазик.
„Како генерација го исполнуваме долгот за зачувување и на архитектонското наследство што како вредност го има ова старо училиште во историјата на македонската уметност, како и долгот кон просветителската и општествената улога што ја има училиштето за едукација на македонскиот народ“, истакна министерката за култура.
Таа додаде дека во изминатиот период, надлежната установа Завод и музеј – Битола, со стручните тимови и со сите вклучени во процесот, со висока професионалност ги исполни многубројните неопходни чекори за остварување на визијата за еден модерен Центар за промоција на Љубојно, на Преспа, на македонскиот јазик, култура, на нашиот идентитет.
„Овој благороден и исклучителен проект“, рече министерката за култура, „го започнавме со прогласување на селото Љубојно за заштитена споменична целина, по што беа изработувани сите потребни стручни елаборати и проекти, за да ја добиеме градежната дозвола и градбата да може да започне.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова во Рим се сретна со претставници на македонската дијаспора
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова за време на престојот во Рим, остварила средба со претставници на македонската дијаспора и на италијанско-македонската стопанска комора, АПИ НОРДЕС.
На средбата, како што соопштија од претседателскиот Кабинет, соговорниците ја запознале претседателката со нивните тековни активности и вклученоста на дијаспората во севкупните општествено-економски процеси во Италија. Во разговорот со Мунир Шемси, успешен бизнисмен и претседател на АПИ НОРДЕС, претседателката била информирана за заложбите на Комората, за неговиот личен и професионален развој, како и за над тридеценискиот хуман активизам насочен кон социјално ранливи семејства во неговиот роден крај.
Сиљановска Давкова изразила благодарност за исклучителниот придонес на македонските иселеници во континуираното унапредување и продлабочување на соработката меѓу македонската и Италијанската република.
Таа ја нагласила важноста од одржувањето на врските со дијаспората, што како нераскинлив дел од македонското ткиво доследно ги негува културата и традицијата, афирмирајќи ја нивната матична држава во странство.
Во таа насока, стои во соопштението, ја потенцирала и потребата од почитување на нивните согледувања на состојбите во нашето општество, имајќи ги предвид децениските искуства и демократски вредности стекнати во државите во коишто живеат и работат.
Средбата со претставниците на македонската дијаспора се реализира за време на посетата на претседателката Сиљановска Давкова на Италијанската Република и Светиот Престол, по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.
Македонија
Со настан кај Школка во Скопје ќе се бара преземање акција за превенција од негативните климатски влијанија
Во Градски парк на Школка денеска ќе се одржи настан „Бараме климатска акција сега!“ на којшто ќе биде упатена порака за преземање акција за превенција од негативните климатски влијанија врз нашата држава, во организација на „Гоу грин Скопје“.
Како што соопштија организаторите, на настанот ќе има зелени штандови што ќе ги претстават локалните бизниси и организации, промовирајќи еколошки свесен начин на живот.
Овие штандови овозможуваат сите преку личен пример и акција да придонесат кон подобра животна средина преку мали, но значајни промени во нашите секојдневни навики, стои во соопштението.
Исто така, додаваат оттаму, младите ќе имаат можност преку инфо-точките на Гоу Грин да се запознаат поблиску со програмите и активностите што ги нудиме за нив и претставува одлична можност за младите да се вклучат и да станат дел од климатската акција која е од витално значење за нашата иднина.
Преку различни активности, игри – правење на бомби од семиња, боење на банери и лица, ќе се придонесе за креативна и забавна атмосфера на настанот, додаваат организаторите на настанот.