Македонија
Коњановски: Битола се менува, но поголемите проекти ќе се остварат со помош на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ
„Како локална самоуправа се потрудивме да го прикажеме она што сме го реализирале за овие две години. Добивме и искрена поддршка за сработеното досега, но меѓутоа и за она што треба заедно допрва да го сработиме, а не очекува уште многу. Јас од ова место ви ветувам дека Битола веќе е препознатлива по работите што се случуваат“, истакна Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола, при средба со граѓаните во рамките на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“ говорејќи за денешните активности што ги има заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Коњановски додаде дека за поголеми и позначајни проекти, кои ѝ се потребни на Битола, потребна е и помош од централната власт, којa, за жал, ја нема. Но, за среќа, за неколку месеци Владата ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, со што позначајните поголеми проекти за Битола ќе почнат да се реализираат.
„Владата во заминување, Владата на ДУИ и Социјалдемократскиот сојуз, остави многу зијан, многу несработени работи. Така, на нас останува да ги завршиме работите“, рече градоначалникот на општина Битола.
Тој посочи дека со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски зборувале за спортскиот комплекс во вредност од 10 милиони евра. Тоа е проект што Општината сама не може да го сработи, потребна е помош и од централната власт.
„Во текот на денот имавме и интересни средби со целни групи, разговаравме со мојот еснаф, со здравството, еден од столбовите на државата, што успеаја во овие изминати четири години да го урнисаат до темел на непрепознатливост. Криминалните афери се видливи секој ден, тоа сите го знаеме“, појасни Коњановски.
Тој нагласи дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе работи за доброто на граѓаните и ќе помогне во развојот на општините, меѓу кои е и Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

