Македонија
Лога стави потпис: Жените во затворот „Идризово“ ќе ги имаат правата како мажите
Министерот за правда Кренар Лога ги потпиша измените на Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во Казнено-поправните установи. Од Министерството за правда посочуваат дека со измените, жените кои издржуваат казна затвор ќе ги имаат истите права и поволности како и мажите. Измените доаѓаат откако ексминистерката Гордана Јанкулоска поднесе прествка до Комисијата за антирискриминација, а тие утврдија дека таа и другите жени се дискриминирани со одредбите од Правилникот.
„Предвидено е доколку осудено лице од женски пол, кое е осудено на казна затвор до три години или издржало казна затвор од три години да може да ги користи поволностите во согласност со правилникот и куќниот ред од КПУ ‘Идризово’. Со измените на Правилникот повеќе нема да има дискриминација на осудените лица од женски пол во женското одделение, наспроти осудените од машки пол“, велат од Министерство за правда.
Со ова, Гордана Јанкулоска ја извојува битката по која сега сите затворенички ќе бидат третирани, како и затворениците од машки пол. „Макфакс“ за дискриминаторскиот правилник пишуваше со месеци. Пред еден месец, министерот за правда, Кренар Лога, вети негова промена. Во интервју за „Макфакс“, директорот на „Идризово“, Зоран Јовановски, зборуваше и за други проблеми што ги има затворот.
Пред Лога дискриминацијата во затворот по основ на пол требаше да ја реши неговиот претходник Никола Тупанчески, кој го почна процесот со формирање работна група, но исход немаше. И разрешениот директор на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, рече дека тоа е важен процес и дека правилникот, кој ги ограничува правата на затвореничките, ќе биде променет за што даде рок до февруари. Ова не беше почитувано од министрите за правда, кои се задолжени за носење на правилникот.
Претходно, Комисијата за заштита од дискриминација констатирала дека Гордана Јанкулоска како осуденичка е дискриминирана во затворот „Идризово“ во Скопје, каде што издржува затворска казна од 4 години. Комисијата утврдила директна дискриминација од страна на Управата за извршување санкции кон осуденичката од женски пол. Подносителката е ставена во понеповолна положба во однос на осудениците од машки пол во поглед на користење дел од погодностите на осудените лица пропишани со член 218 од Законот за извршување на санкциите, е наведено, меѓу другото, во извештајот од Комисијата. Од таму појаснуваат дека на Јанкулоска ѝ биле оневозможени посети надвор од установата, одмор, како и работно ангажирање.
Гордана Јанкулоска и нејзиниот сопруг и адвокат, Влатко Илиевски, очекуваат државата веднаш да го промени правилникот за „Идризово“ за жените затворенички да имаат исти права и привилегии како и мажите. Адвокатот Илиевски посочува: „Освен во Авганистан, и кај нас има дискриминација по пол“. Тој очекува Гордана Јанкулоска да ги добие правата што ѝ следуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

