Македонија
Македонија и Бугарија разгледаa повеќе прашања од конзуларната област
Во Софија се одржаа конзуларни консултации меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и Македонија, на ниво директори за конзуларни работи.
На консултациите биле разгледани повеќе прашања од конзуларната област, а кои директно ги засегаат граѓаните на двете држави, соопшти македонското МНР.
Посебно внимание било посветено на начините за подобрување на меѓусебната комуникација во врска со измените на законодавството за влез и престој на територијата на секоја од земјите и неговата примена, взаемното информирање за задржани граѓани, соработка при конзуларни случаи, особено кога е потребна помош како на пример лекување или репатријација, начинот и постапката за издавање на документи од матичните книги, воспоставување на точка за директна комуникација во итни случаи и други прашања од областа. Обете страни изразиле задоволство од досегашната соработка во конзуларните работи, споделија информации за предизвиците со кои се соочуваат и разменија предлози за унапредување на соработката.
Инаку, конзуларната соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија се одвива врз основа на конзуларната конвенција склучена меѓу двете држави во 1999 година. Денешните конзуларни консултации се реализираа на иницијатива на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, и се први од таков вид во изминатава декада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 30 јуни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ
На денешната седница Извршниот одбор на СДСМ донесе Одлука за распишување вонредни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ на 30 јуни 2024 година (недела), по повлекувањето од функцијата на претседателот Димитар Ковачевски.
Согласно роковите во Статутот на партијата ќе има доволен период за подготовка на кандидатурите и програмите, претставување на кандидатите пред членството и активна регистрација, соопшти партијата.
На седница којашто ќе се одржи в четврток, 30 мај 2024 година Централниот одбор на СДСМ треба да го усвои Правилникот за критериумите, начинот и роковникот за спроведување на постапката на највисоко демократско ниво од страна на Централната изборна комисија.
Македонија
Мицкоски на средба со евроамбасадорот Гир: злоупотребите со европското знаменце нема да се применуваат, потенцирана европската заложба на ВМРО-ДПМНЕ како идна влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот Тимчо Муцунски оствари средба со амбасадор на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир.
На средбата беше потенцирана силната европска заложба на ВМРО-ДПМНЕ како идна влада, што е еден од трите главни постулати на делување, покрај борбата со криминалот и корупцијата и забрзаниот економски развој.
Мицкоски кажал дека државата мора да се трансформира во секое поле и да се подобри значајно животот на луѓето.
Идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како што е наведено во соопштението, своето делување ќе го базира исклучиво на законите, и злоупотреби како претходната влада во минатото со европското знаменце нема да се применуваат.
Заклучок е дека граѓаните заслужуваат европска иднина, и таа мора да дојде што побрзо, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Сервисни информации
Сообраќајна несреќа на патот Василево-с.Градошорци, сообраќајот пренасочен
Во 18.15ч. магистралниот пат Василево-с.Градошорци е затворен во двата правци и сообраќајот е пренасочен по стариот пат, поради случена сообраќајна незгода, информираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.