Македонија
Маричиќ за извештајот на ЕК: Не гледам назадување, продолжувањето на преговорите зависи од уставните измени
Би сакал сите да го прочитате извештајот и да видите каде има збор назадување, јас не видов збор назадување, беше одговорот на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, на новинарско прашање за извештајот на ЕК.
Беше прашан и за нотираната злоупотреба на европското знаменце.
„Во однос на европското знаме, знаете, секогаш се користи на предлог на Владата и секогаш се користи кога за тоа има услови и кога за тоа има основа“, вели Маричиќ.
„Свесни сме за проблемите и не бегаме од нив“, додава тој.
Во моментот, според него, најважно е да се донесат уставните измени во Собранието за да може земјата да ги продолжи преговорите за членство во ЕУ. А во текот на преговорите, според него, ќе се решаваат проблемите со судството и со борбата против корупцијата.
„Ние ги почнавме преговорите, прашањето е дали ќе ги продолжиме и тоа зависи од уставните измени. Ние недостатоците ги ставаме во листата на наши задачи во текот на преговорите, а дали ќе отидеме во наредна фаза зависи само од уставните измени. Во текот на преговорите мораме да работиме на овие теми. Ние никогаш не сме бегале од овие теми, затоа и ја повикавме ЕУ да достави информации за Судскиот совет. Јас сум бил во Брисел многупати со барање да воспоставиме механизам за ветинг (во судството, н.з.), но, за жал, не добивме поддршка од ЕУ за тоа. Не постои проблем во овој извештај што не можеме да го решиме во текот на преговорите со ЕУ, но за тоа да го направиме важно е да ја завршиме обврската со уставните измени“, рече Маричиќ.
Не е нотирано назадување во извештајот, истакна тој.
„Комисијата дава објективен пресек на напредокот, но и на слабостите. Произлегува важна порака, имаме напредок во 80 отсто од поглавјата, а не е нотирано назадување. Оценката е добро ниво во 2023 година и е солидна константа веќе неколку години. Во делот на кластерот ‘Фундаментални вредности’ се нотира дека државата испорачува резултати“, вели Маричиќ.
Според него, позитивен е планот за раст, кој предвидува трансфер на пари кон земјите што преговараат, но уште не се членки на Европската Унија.
„Го поздравуваме планот за раст. Ние како држава побаравме од ЕУ да можеме да ги користиме придобивките и пред да станеме членки. Заедничка цел наша и на ЕУ е до април 2024 година е да се направи прв трансфер на средства кон Македонија и кон Западен Балкан. Тоа значи дека ако забрзаме, првиот трансфер може да го имаме за 5 месеци од сега“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

