Македонија
Марјан од „ДоказМ“ посочил и втор обвинител како соработник за текстовите против шефот на скопското Вишо обвинителство
Сашо Рајчев не е единствен обвинител посочен од Марјан Стаменковски, како соработник за текстовите објавени на порталот „ДоказМ“ против шефот на Вишо обвинителство, Мустафа Хајрулахи. Стаменковски во писмена изјава со извинување за објавен текст, кажал дека имал помош и од обвинителка. Ова за „Макфакс“ го откри Хајрулахи. Тој се надева дека Стаменковски пред Граѓанскиот суд ќе каже и име и презиме на жената која е дел од правосудниот систем, а соработувала при објавувањето на текстовите против него.
Хајрулахи додава дека ако се утврди дека споменатата обвинителка соработувала со Марјан Стаменковски, со тоа што порачувала текстови со невистината и навредувачка содржина, ќе се поведе дисциплинска одговорност за обвинителката.
„Во приватната тужба ги наведов насловите на објавените текстови како и текстовите кои беа објавени против мене и на истото, во законски предвидените процедури, Марјан Стаменковски до мојот адвокат достави писмо во кое меѓу другото наведува дека имал соработка со една јавна обвинителка. Во писмената изјава не наведува име и презиме на обвинителката но се надевам дека во текот на постапката пред граѓанскиот суд ќе излезе со податоци за споменатата обвинителка“, вели Хајрулахи за „Макфакс“.
Шефот на скопското Вишо обвинителство посочува дека пред вчерашната седница, немал информации за евентуална соработка меѓу неговиот колега Рајчев и осудениот Стаменковски.
„Со изнесените наводи од страна на обвинетиот Марјан Стаменковски бев затекнат и фрапиран. Не сакам да верувам во наводите искажани од страна на обвинетиот Марјан Стаменковски но секако дека истите ќе се проверат и доколку се поткрепат со докази кои ќе го потврдат истото, тогаш ќе се поведе дисциплинска постапка се со цел да се утврди евентуална одговорност на споменатиот јавен обвинител“, додава Хајрулахи.
Прашан, дали освен обвинителите, знае за евентуално вмешана трета личност од јавниот живот во нарачките, тој додава: „Навистина не знам и не располагам со такви податоци“.
Марјан Стаменковски е осуден на затвор во траење од три години и еден месец. Меѓу делата за кои се гонеше беше и уцена. Обвинителството пред Кривичен докажа дека Стаменковски со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал на оштетен дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест.
Против Стаменковски е отворен уште еден предмет кој се води во скопското Обвинителство, каде меѓу другото, се истражува кој ги нарачувал текстовите објавени на „ДоказМ“. Стаменковски на јавна седница во Апелација посочи дека едно од лицата е обвинителот Рајчев, кој го застапуваше предметот пред второстепениот суд и побара изземање поради судир на интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

