Македонија
Марјан од „ДоказМ“ требало да биде задржан во болница, но одбил, па го вратиле во затворот во Шутка
Марјан Стаменковски сопственик на „ДоказМ“ на кого му се суди за пет кривични дела е вратен во затворот „Скопје“ во Шутка. Нему му биле направени проверки на Клиниката за кардиологија во Скопје, каде што докторите препорачале да биде задржан на болничко лекување поради кардиоваскуларни проблеми кои ги имал и од порано. Откако Стаменковски одбил, затворската полиција во вратила назад во притвор.
„Вратен е во затворот „Скопје“, со препишана терапија. Тој е под мониторинг, на секои 20 минути му се проверува состојбата“, потврдува Филип Андов, директор на КПУ „Скопје“ за „Макфакс“.
Според извори на „Макфакс“, Стаменковски барал состојбата да му биде третирана во приватна болница. Непознато е дали вакво барање е упатено и до Кривичен суд, кој може да одобри или одбие каде приворениците и затворениците можат да се лекуваат.
Стаменковски е во притвор повеќе од еден месец. Тој се гони дека сторил две дела – ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, а потоа и уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело, злоупотреба на лични податоци. Против него е поднесено обвинение и му се суди. Истовремено, Обвинителството отвори уште една постапка во која испитува и можно сторување на нови кривични дела од страна на Стаменковски.
Досега се одржаа и неколку рочишта, на кои, Марјан Стаменковски се сретна со жртвите односно оштетените во процесот, кои биле негов таргет. Не призна вина и реши да се брани и да докажува дека не сторил ништо незаконски. Новинарките Валентина Вурмо и Ирена Мулачки и јавно по сведочењето во судница кажаа дека очекуваат правда, но и да се најдат нарачателите на текстовите кои осамнуваа на порталот „ДоказМ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.
Македонија
Слаб снег провејува на Попова Шапка, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Слаб снег провејува на Попова Шапка кој во моментов не се здржува на коловозот, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно време со дожд и ветер, на планините снег – МЕТЕО за следните денови
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Во делови од котлината ќе има повремен слаб дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени, јавува УХМР.
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.

