Македонија
МВР бара помош за пронаоѓање на напаѓачот на пратеникот Милевски
МВР објави фотографија од лице коешто смета дека е важно во постапката за расветлување на нападот врз пратеникот и лидер на ЛДП, Горан Милевски. Од полицијата информираат дека одлуката за објавување на фотографијата е донесена по консултација со јавен обвинител, а врз основа на член 561 став 1 и член 563 став 2 од Законот за кривична постапка.
„Ги повикуваме сите граѓани кои имаат какви било сознанија за лицето, веднаш да известат во најблиската полициска станица, да пријават на телефонскиот број 192, да ја употребат апликацијата ‘Пријави сомнително лице’ на официјалниот сајт на МВР или да пријават во Јавното обвинителство“, се вели во апелот на МВР.
Лидерот на ЛДП, Горан Милевски, по нападот за „Макфакс“ изјави дека додека се движел по плоштадот „Македонија“ околу 16:30 часот бил нападнат од непознато лице, кое го удрило. Според него, големи се шансите овој напад да е тесно поврзан со изгласаниот закон за употреба на јазиците. Пратеникот уште еднаш порача дека ваквите напади нема да ги поколебаат пратениците да ја остварат зацртаната цел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 30 јуни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ
На денешната седница Извршниот одбор на СДСМ донесе Одлука за распишување вонредни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ на 30 јуни 2024 година (недела), по повлекувањето од функцијата на претседателот Димитар Ковачевски.
Согласно роковите во Статутот на партијата ќе има доволен период за подготовка на кандидатурите и програмите, претставување на кандидатите пред членството и активна регистрација, соопшти партијата.
На седница којашто ќе се одржи в четврток, 30 мај 2024 година Централниот одбор на СДСМ треба да го усвои Правилникот за критериумите, начинот и роковникот за спроведување на постапката на највисоко демократско ниво од страна на Централната изборна комисија.
Македонија
Мицкоски на средба со евроамбасадорот Гир: злоупотребите со европското знаменце нема да се применуваат, потенцирана европската заложба на ВМРО-ДПМНЕ како идна влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот Тимчо Муцунски оствари средба со амбасадор на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир.
На средбата беше потенцирана силната европска заложба на ВМРО-ДПМНЕ како идна влада, што е еден од трите главни постулати на делување, покрај борбата со криминалот и корупцијата и забрзаниот економски развој.
Мицкоски кажал дека државата мора да се трансформира во секое поле и да се подобри значајно животот на луѓето.
Идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како што е наведено во соопштението, своето делување ќе го базира исклучиво на законите, и злоупотреби како претходната влада во минатото со европското знаменце нема да се применуваат.
Заклучок е дека граѓаните заслужуваат европска иднина, и таа мора да дојде што побрзо, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Сервисни информации
Сообраќајна несреќа на патот Василево-с.Градошорци, сообраќајот пренасочен
Во 18.15ч. магистралниот пат Василево-с.Градошорци е затворен во двата правци и сообраќајот е пренасочен по стариот пат, поради случена сообраќајна незгода, информираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.