Македонија
Меѓународна конференција посветена на економската и на еколошката димензија на ОБСЕ во Струга
Во рамките на претседавањето на Македонија со ОБСЕ, денеска, во Струга, ќе се одржи меѓународна конференција посветена на економската и еколошката димензија на Организацијата како една во низата меѓународни конференции планирани да се одржат до крајот на годината.
Конференцијата се одржува во време на бруталната агресија на Русија врз Украина, која, покрај тоа што претставува директно кршење на основните вредности и принципи на Организацијата, истовремено предизвикува и разорни економски последици, како и еколошки катастрофи, што е особено видливо од последниот напад на браната „Каховка“.
Имајќи ги предвид рефлексиите на актуелната безбедносна криза во ОБСЕ-просторот врз глобалните економски текови, конференцијата ќе се фокусира и на изнаоѓање одговори за тешките предизвици од климатските промени, зајакнувањето на отпорноста на енергетската инфраструктура кон природни и катастрофи предизвикани од човечкиот фактор, вклучително и обезбедување стабилна и одржлива енергетска транзиција. Северна Македонија и преку оваа конференција дава придонес кон напорите за економското закрепнување и борбата против климатските промени како суштински дел од концептот на ОБСЕ за сеопфатната безбедност. Во тој контекст на конференцијата ќе се дебатира и за борбата против корупцијата како еден од приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.
Конференцијата ќе ја отвори претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи, а ќе се обратат и заменик-претседателката на Владата на Северна Македонија за политики за добро владеење, Славица Грковска, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерската за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, како и заменик-министерот за енергетика на Украина, Јарослав Демченков.
Воведна сесија на оваа меѓународна конференција ќе биде отворена за претставниците на медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„ДКСК да покрене постапка против Битиќи, бара од фирмите на кои им исплаќал државна помош да гласаат за него“, вели ВМРО-ДПМНЕ
„ДКСК да покрене постапка против Битиќи, бара од фирмите на кои им исплаќал државна помош да гласаат за него, им сугерира и број на гласачко ливче. По објавениот документ од кој се гледа како Битиќи бара од компании да го поддржат затоа што им исплаќал државна помош тој требаше да се повлече од политиката“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што Битиќи не само што не се повлече, туку и не се извини, говори како СДС и ДУИ ја заробија државата и како 100тина функционери управуваат со државата како да е нивен личен имот.
ДКСК не смее да чека, да отвори случај и да се отвори постапка и пред другите институции.
Злоупотребите на институциите мора да запрат. По 8ми мај ќе се стави крај ма ваквите практики, а таквите како Битиќи ќе се соочат со одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи, особено во источните делови. Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 22 степени.
Во Скопје променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, освен во недела кога ќе биде претежно стабилно и потопло. Во сабота ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.