Македонија
Мицевски: Заев и Ангеловска го скроија најрасипничкиот буџет во историјата на независна Македонија
Зоран Заев и Нина Ангеловска го скроија најголемиот, најрасипнички, најкоруптивен и најнеразвоен буџет во историјата на независна Македонија. Удираат по џебот на граѓаните, собираат пари за луксузирање, а капиталните инвестиции им се помали и од најлошите години. Власта за 2020 година предвидува да потроши неверојатни 4 милијарди евра, порача Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Буџетот за в година е поголем за 200 милиони евра од буџетот за оваа година, а сумата што се одвојува за капитални инвестиции и процентуално и номинално е помала од сумата што беше предвидена за оваа година. Наместо буџетот да придонесува за подобрување на квалитетот и продуктивноста на администрацијата, Заев и Ангеловска со овој буџет прават класичен поткуп за претстојните парламентарни избори манипулирајќи ги граѓаните велејќи дека вложуваат во човечки капитал.
Треба да се има проекти за да се оспособат младите луѓе, тоа е капитал, а вака тие се само потрошувачи. Овој буџет не создава услови за капитал, а што имаме ние во услови кога се зголемува буџетот, се намалуваат инвестициите.
Исто така, слушаме нов поим во науката – инвестиции во човечките ресурси, во исплата на плати во државната администрација, која не е намалена, туку уште се зголемува заради партиски цели, а овој буџет, единствено треба да помогне во предизборниот период за потребите на СДСМ.
Ова не е ни приближно вложување во човечки капитал, туку класичен пример за буџет што треба да служи за поткуп, уцени и корупција со гласачите.
Заев и Нина Ангеловска во услови кога го зголемуваат буџетот за 200 милиони евра, наместо да покачат, ја намалуваат ставката за капитални инвестиции за 43 милиони евра.
За споредба, пред доаѓањето на власт на оваа најнеспособна гарнитура, ставката за капитални инвестиции изнесувала од 10 до 15 отсто од буџетот, а сега минатогодишните 6,5 отсто ги намалуваат на 5 отсто од буџетот. Тоа е рамно на катастрофа.
Се предвидуваат над 200 милиони евра повеќе, а ниту евро повеќе за автопати, железници, гасоводи. Нема пари за развој, но има за изборен поткуп.
Додека парите за развој се намалуваат, се зголемуваат средствата во ставката стоки и услуги.
Владата планира в година да потроши 180 милиони евра повеќе на стоки и услуги, односно цели 835 милиони евра. Значи, речиси една милијарда евра фрлени во ветер.
Овие 835 милиони евра власта планира да ги потроши на тендери, привремени вработувања, со цел изборен поткуп и исплата на патни трошоци. После сите се чудиме како Пендаровски мртов ладен изјавува дека би заминал од Македонија доколку не бил избран за претседател, а младите засилено веќе бегаат од државата.
Со новиот буџет нема средства за „Чебрен“ и „Галиште“, ниту за ТЕЦ „Неготино“. Нема пари ниту за енергетски развој, ниту за нови проекти во секторот за користење природен гас. Нема пари ниту за борба против загадениот воздух, а генерално на жабри ќе дише Министерството за животна средина, кое ќе добие под 1 отсто од буџетот.
Оваа власт, која дојде ветувајќи подобро образование, в година предвидува 17 отсто помалку во буџетот за наука од оваа година. Значително се намалуваат и средствата за изградба на основни и средни училишта, како и за студентски домови.
Екстра пари ќе нема ниту за здравството, а граѓаните и медицинскиот персонал нема да видат ништо ниту од нови, модерни и поскапи медицински апарати.
Овој буџет е расипнички и не води грижа за развојот на државата и идните генерации.
Единствено позитивно во овој буџет е што оваа неодговорна, неспособна и расипничка власт нема да може да го троши по 12 април.
Ваквиот буџет ќе претрпи значителен ребаланс со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт кога ќе бидат одвоени повеќе средства за развој, капитални проекти и креирање додадена вредност за државата и граѓаните.
На 12 април завршува расипничкото трошење на народните пари. По 12 април, следува обнова на Македонија со ВМРО-ДПМНЕ“, вели Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: На 8 мај потребна е масовна референдумска излезност за влада на ВМРО-ДПМНЕ која нема да е уценувана од никого, за СДСМ и ДУИ во опозиција
„Во првиот круг му поставував прашања на Пендаровски, не одговори на ниедно. Наместо да одговара прашања, плаќаше ботови по социјални мрежи лично да ме навредуваат мене и моето семејство, народот му кажа што мисли за тоа. Но, морам да го прашам уште нешто затоа што се работи за злоупотреба на државни пари“, истакна носителот на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 4 Александар Николоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кавадарци.
Тој продолжи и додаде: „Пендаровски до денес не одговори дали ќе ги користи или нема да ги користи привилегиите кои ги следуваат поранешните претседатели, еднаш невешто одговори дека за тоа ќе се изјаснел во 2029 година, ама очигледно ќе треба да се изјасни на 12 мај затоа што тогаш и официјално му завршува мандатот, тоа е четири дена после изборите и мислам дека е чесно и кога ќе дојде тука во Кавадарци да каже дали ќе е пензионер со најголема пензија во Македонија и поранешен претседател кој најдолго ќе ги користи народните пари. А во меѓувреме е фер да каже уште вечерва ако може дали е вистина или не од пусти мерак за претседателствувања ама и за користење на привилегии дека побарал да му се отвори вилата во Охрид и ќе седел следни пет дена таму да искористи уште некој ден покрај охридското езеро, дали е вистина ова Стево Пендаровски и дали е вистина дека со цело друштво одиш таму да поседите уште некој ден на државен трошок, одговори пред граѓаните“, истакна Николоски.
Рече дека на 8 мај треба уште помасовно да се излезе, во уште поголем број и разликата во Кавадарци да е уште поголема и додаде дека е потребна масовна референдумска излезност на 8 мај за влада која нема да е уценувана од никого, за СДСМ во опозиција, за ДУИ во опозиција.
„Ве повикувам да ја прочитате нашата програма Платформа 1198, тие не размислуваа на проекти и не реализираа проекти, затоа ние ќе реализираме. Ќе реализираме и експресен пат од Кавадарци до Неготино и спојување на Кавадарци со автопатот. Ќе реализираме и отворање на граничен премин со Грција како би станало многу блиску да се патува помеѓу Кавадарци и Воден и да се спојат овие два дела на географска Македонија. Ќе ги помагаме земјоделците, за лозарите достоинствени цени за виното и рестартирање на Повардарие како би се срушил монополот во откупот на грозје и производството на вино подостоинствен живот за сите, повеќе субвенции и повеќе ред за сите. Затоа на 8 мај масовно да излезете“, дециден е Николоски.
Македонија
Мицкоски од Кавадарци: Мобилизација и масовна излезност, колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени
Во првиот круг издвојувавме огромна победа, која покажа дека народот е свесен за тоа што се случува во нашата татковина. Ова е револуција на народот, пред се затоа што преовладува чувството дека во сопствената земја народот стана кираџија. И тоа токму поради дуото СДСМ-ДУИ, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Кавадарци.
Мицкоски посочи како ништо не функционира и како институциите не се во корист на граѓаните.
„Институциите повеќе не служат на народот. Се чека за пасоши, лични карти, за документи кои му следуваат на народот. Овој проблем го препуштија да го решава ВМРО-ДПМНЕ и Панче Тошковски, додека во секоја друга сфера има подеднакво назадување. Во здравството докторите и медицинскиот персонал протестираат. Доколку сакате било која здравствена услуга или ќе мора да платите или да побарате врски. Ако не е така ќе мора да чекате по ходници, ќе ве маткаат со процедури, додека не се откажете. Животниот стандард е под секое ниво. Корупција насекаде, правда никаде“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа дека проблемот е што ДУИ е газдата во државата.
„Нашите, вашите судбини зависат од стотина души на ДУИ кои контролираат се. Артан Груби и компанијата се господари на Македонија, но и одговорни за колективниот грабеж. Велат дека ДУИ никогаш немал подобар партнер за власт како СДС. Што и да им побарале, не добивале сто проценти, туку дупло двеста. И затоа е и сега нервозата во ДУИ, зошто знаат по овие избори ниту ќе имаат власт, ниту пак ќе имаат измеќари како СДС“, изјави Мицкоски.
Мицкоски рече дека овие денови силно се ангажирани на две сценарија кои во суштина се завера против Македонија.
„Првото е сценарио на бојкот. Второто сценарио е пазарџиска делба со ДУИ на ресори и министерства, при што Ковачевски оставил на Ахмети сам да одреди колку министерства ќе му остави на СДСМ. И двете сценарија се губитнички за Македонија и удираат по нејзините основи“, кажа Мицкоски.
Мицкоски заклучи дека решението за сето ова е масовна излезност.
„Мобилизација и масовна излезност. Решението и за бојкотот и за пазарџиската поделба на ресори е само едно масовно гласање на избори. Колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени“, рече Мицкоски.
Македонија
Битиќи: На 8-ми мај да се спротивставиме на политиките на поделби, за сплотена и силна Македонија
„Грешките во владеењето можеме да ги поправиме, но поделбите во општеството нема да ги залечиме доколку на 8-ми мај не се спротивставиме на политиките на раздорот, на национализмот, на сеењето страв. Социјалдемократскиот сојуз е единстваната обединувачка политичка партија за силна и сплотена Македонија – земја и европски дом во кој ќе има место за секого, независно од неговата етничка, религиозна, културна, политичка или социјална припадност“, порача на денешните средби со жителите на Топаана и Шуто Оризари, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Тој кажа дека резултатите од првиот круг на претседателските избори не треба да се прифатат со малодушност ниту пак да се обесхрабрувачки, туку треба да се перцепираат како предизвик кој во себе носи можност за сплотување на сите прогресивни сили во државата за двојните избори на 8-ми мај.
„Со нашата предизборна програма нудиме повеќе од економски раст и развој, повеќе од повисоки плати и пензии, многу повеќе од европски животен стандард, ние нудиме иднина во која секој граѓанин ќе биде прифатен, почитуван, градиме земја во која ќе владее дијалогот, меѓусебното разбирање, а не раздорот. Затоа на 8-ми мај, победата на СДСМ и коалицијата ќе значи пораз на стравот од различностите, на поделбите. Ќе зачекориме кон заедничка и споделена европска иднина“, порача Битиќи.
Зборувајќи за концептот на едно општество за сите, како суштинска политичка вредност на СДСМ, тој ја нагласи потребата граѓаните да го отфрлат национализмот како свој политички избор, затоа што тој е наметнат избор.
„Ве повикувам заеднички да го отфрлиме национализмот кој е надвиснат над Македонија, да кажеме НЕ на ксенофобијата, да се ослободиме од стравовите и да го прифатиме единството, единството во различностите бидејќи таму лежи нашата сила. Верувам во вас, во граѓаните, верувам дека тоа ќе го препознаете, дека ќе ги отфрлите политиките кои ви се наметнуваат од елити кои немаат што да ви понудат освен да ве туркаат кон минатото и поделбите“, рече Битиќи и додаде дека Македонија не е само ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е многу повеќе, таа е на сите, на Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Бошњаци, Власи.
„Нашата сакана земја е на сите нас кои се бориме за европска држава, а кои сме повеќе, многу повеќе од тие што се прикажуваат како победници во првиот круг на претседателските избори. Затоа нема откажување, заеднички, едни покрај други, рамо до рамо, сите различни, продолжуваме и победуваме на 8-ми мај“, порача Битиќи.