Македонија
Мицкоски: Владата убедуваше дека ќе има струја од домашно производство, а секој ден увезуваат по еден милион евра
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на денешната посета на Кавадарци, одговарајќи на новинарско прашање за состојбата со енергетската криза во државата, истакна дека иако од Владата најавуваа дека комплетните потреби на граѓаните за струја ќе бидат задоволени од домашното производство, тие повторно излажаа.
„Јас ќе дадам еден податок денеска ексклузивно од овде, од Кавадарци. Почнаа во ноември да увезуваат струја за потребите на граѓаните, не за индустријата, за потребите на граѓаните, оние што се снабдувани од ‘ЕВН хоум’, за кои државата велеше дека комплетно домашно производство ќе ги снабди со електрична енергија. Тие не успеаја и затоа од 7 до 30 ноември, за 23 дена, увезоа електрична енергија во вредност од 23 милиони евра. Значи, секој ден увезуваа по еден милион евра електрична енергија, пари платени од граѓаните. За 23 дена, 23 милиони евра“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека покрај овие 23 милиони евра за увоз на струја во ноември, направен е и нов тендер за првите четири дена од декември, кој би чинел некаде околу 8 милиони евра за увоз на електрична енергија, а зимата сè уште календарски не е почната.
„Сега направиле нов тендер за првите четири дена во декември, а замислете – зимата сè уште не е почната календарски, нов тендер во кој повторно ќе увезуваат од 1 до 4 декември, процената е дека нови 8 милиони евра ќе чини оваа набавка. Значи, ќе повторам, не само што крадат туку и многу лажат и не ја говорат вистината и затоа ќе ги видите Ковачевски и малкумина владини функционери на оние стендап-настапи, каде што како комедијант тој се обидува мене да ме навредува мислејќи дека прави претстава пред неколкумина сопартијци, кои му аплаудираат, а народот тоне во мизерија“, потенцира Мицкоски и додаде:
„Додека Македонија има многу проблеми, тој онака храбро одлучува како комедијант да ме навредува на своите настапи пред малобројното негово партиско членство, мене и ВМРО-ДПМНЕ. Ако е толку храбар како што се преставува, има начин таа храброст да ја манифестира, а тоа е да одиме на предвремени парламентарни избори, па народот да даде оценка дали ќе верува на неговите стендап-настапи како комичар или на ова сурова и тешка, болна реалност во Македонија“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

