Македонија
Мицкоски: За следната година предвиден е раст на платите во образованието и во други институции
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, на новинарско прашање, дали наредната година може да се очекуваат раст на платите во државната администрација изјави:
„Па ќе има, предвидено е тоа во рамките на Буџетот, имаме една работна верзија којашто ја до средуваме. Оваа недела би требало да ја до средиме и почетокот на следната и очекувам веќе следната недела да се најде на владина седница предлог-верзија на Буџетот за следната година. Па потоа, нормално како што е редот и процедурите да се најде пред пратениците во македонското Собрание. Така што предвидени се раст на платите и во рамките на образованието и во рамките на некои други од институциите, во зависност од можностите. Очекувам консолидирањето да заврши до крајот на годината“.
Премиерот Мицкоски истакна дека поголем дел од наследените долгови од претходната власт се враќаат, очекува следниот месец државата да влезе во позитивно салдо.
„Веќе големиот дел од долговите полека, но сигурно се враќаат, полека сметката на Владата излегува од она негативно салдо коешто го наследивме. Ќе потсетам сметката на Владата, 24 јуни беше околу минус 12 милијарди денари, минус 200 милиони евра, сега сме тука некаде се приближуваме кон позитивна нула. Очекувам дека овој месец октомври, веќе ќе влеземе во плус. Дел од долговите се враќаат, заборавените обврски се исполнуваат. Морам да ви кажам, еве денеска пред да дојдам тука имав состанок со директорот на поранешно ЕЛЕМ, денешно ЕСМ, таму долгувањата се некаде околу 5 милијарди денари. Некако оваа петка им станувала заштитен знак. Пет милијарди долгови за пензионерите, пет милијарди за Фондот за здравство, пет милијарди ЕСМ итн. итн. Од долгови, како да кажам се таложеле, пари се калапеле во приватни џебови, отприлика таа е реалноста којашто ја наследивме. Но, нема кукање, нема жалење, затоа ја добивме довербата од граѓаните жестоко да работиме и да излеземе од ова мочуриште коешто го наследивме и конечно да влеземе во процес на развој и на проекти“, подвлече премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

