Македонија
Мицкоски: Не бараме амнестија, туку правда за осудените за нападот во Собранието
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тврди дека заедно со шефот на државата, Стево Пендаровски, постигнале договор дека осудените за настаните од 27 април треба да побараат судење, кое ќе почне од почеток, а политичарите да ги држат настрана рацете од судството и Обвинителството.
Тој посочи дека се разговарало и на други теми, како и за актуелните случувањата во политиката. Мицкоски неколкупати рече дека од адвокатите на осудените за 27 април дознал дека тие веќе имаат нови докази, кои се причина за одново да им се суди.
„Не бараме амнестија, туку правда. Тоа значи дека овие луѓе, кои се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок поради непостапување е драконски, треба да ја добијат пресудата во втор степен за да побараат правда во трет степен. Ако можеше случајот ‘Сопот’, па и ‘Монструм’, кој поради една изјава на Зоран Заев кога беше во опозиција и кажа дека обвинетите не се сторители, не гледам зошто овие т.н. терористи според Кацарска и Зоран Заев, според новите докази што ги имаат бранителите, да не го почнат од почеток процесот и да докажат дека не се терористи, но сториле прекршување на законот, а не затоа што некој нарачал и дивеел со судските одлуки. За тоа најдовме разбирање“, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ги одмрзнал односите со Пендаровски, а тоа би го направил секогаш кога ќе може да спаси барем еден живот.
„Ние разговараме за правда, тоа е основното нешто. Ние сме политичари што треба да се грижат за граѓаните да имаат загарантирана правда. Нема да бидам мирен ако има и еден човек што доживеал неправда. Нема да престанам да се борам за правда за сите граѓани. Ќе се борам до последна капка крв за секој граѓанин. Ние покрај тоа што зборувавме за неправедно осудените за 27 април, не споменавме амнестија, туку правда. Во оваа држава треба да има правда, без разлика дали е Саздо, Алмир, Томче, Христијан. Сите сме граѓани на Македонија“, додаде Мицкоски.
Според Мицкоски, тој и натаму ќе има согласувања и несогласувања со Пендаровски и тоа го оцени како нормално.
„Не бараме амнестија, не бараме милост, туку правда за осудените лица. Правдата практично и осудено лице ја побара во завршните зборови. Тој рече: ‘Да, сум направил грешка и сум ги прекршил законите, но не можете да ме осудите за тероризам, јас си ги сакам државата и народот и никогаш нема да бидам терорист’. Ова што го барам не е амнестија, туку правда. Истото тоа што го имаа како можност оние осудени за ‘Сопот’, како и за ‘Монструм’. Врз основа на овие докази да има судски процес бидејќи овие не може да бидат обвинети за тероризам“, посочи Мицкоски.
Мицкоски разговарал со претседателот и за актуелни теми, како и за инвестициите во државава.
„Разговаравме за загрижувачката состојба со криминалот и корупцијата, а ние сме најкорумпираната држава за која постои мислење дека ја води најкорумпираната Влада. Разговаравме за инвестициите, за новиот клиничкиот центар, за други проекти. Се договоривме да одржуваме контакт и понатаму да комуницираме за крупни теми, кои значат за Македонија и граѓаните“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Албанската опозиција организира завршен митинг во исто време, на исто место со Европскиот фронт, ова е провокација, рече Адеми
„Со длабоко жалење, Европскиот фронт и штабот на Европскиот фронт ја изразуваат својата загриженост и разочарување поради ненадејната одлука на албанската опозиција да организираат во ист ден, во исто време, на исто место, завршен митинг, за кој штабот на Европскиот фронт претходно доби потврда и дозвола од Секторот за внатрешни работи да ја одржи завршната средба на 6 мај на плоштадот Илирија“, рече Арбр Адеми.
„Оваа ненадејна одлука на албанската опозиција не дека е во спротивност со принципите на взаемно разбирање и соработка за да има слободни и демократски избори, туку претставува и провокација да се наштети на јавната безбедност и мирот, затоа апелираме до нив да ја преиспитаат својата одлука знаејќи дека Европскиот фронт, кој на 9 април поднесе барање за одржување на оваа завршна средба до Секторот за внатрешни работи, испрати известување до Општина Тетово, до Противпожарната служба и до Брза помош, институции кои треба да се заложат за успехот на еден ваков величествен собир.
Но, тоа што се случи по поднесувањето на нашето барање, дури на 22 април, замислете 10 дена откако СВР Тетово го прифати нашето барање, опозицијата на 22 април се обрати со барање, со кое СВР Тетово како надлежен орган кој дава дозволи за вакви активности, ги известува дека не можат да организираат ваков собир, направиле три обиди да остварат контакт и да избегнат ваква ситуација која би можела да ја ескалира ситуацијата, но претставниците на ВРЕДИ не реагирале, па дури и во писмена форма тие беа поканети да одржат координативен состанок.
Апелираме до албанската опозиција уште еднаш да ја преиспита својата одлука, нека се определат за друг простор или некој друг ден, сите заедно нека придонесат за слободни и демократски избори по европски стандарди кои и ние и тие ќе имаме можност да ги презентираме своите програми пред граѓаните со собир од ваков тип“, изјави Арбр Адеми.
Македонија
Палевски ќе биде екстрадиран во најкраток можен рок, кажа Тошковски
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кажа дека добил информација од Секторот за меѓународна полициска соработка дека е одобрена екстрадицијата за Љупчо Палевски Палчо, со тоа што македонските полициски службеници се во комуникација со турските колеги.
„Се очекува во наредниот период да утврдат се што е потребно од аспект на оперативни активности, за во најкраток можен рок предметното лице кое што е под прогон од страна Обвинителството во Македонија да биде изнесено пред лицето на правдата и пред судот“, рече Тошковски.
Министерот кажа дека нема конкретен рок, но дека тоа ќе биде сторено во најкратко време.
„Очекуваме дека ќе биде за брзо“, додаде Тошковски.
Македонија
(Видео) Пендаровски: Бројот еден е гаранција дека државата ќе продолжи по правилниот курс кон ЕУ
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска беше помеѓу граѓаните на општина Арачиново.
Пред присутните, Пендаровски порача дека во досегашниот мандат покажал дека е претседател кој не ги дели граѓаните по ниту една основа и дека така ќе продолжи и во следниот мандат.
„Никогаш не сум бил и не се кандидирам за претседател само на Македонците. Ќе бидам претседател на сите, како што бев глас на секој без оглед на етничка и каква било припадност. Промовирањето и претставувањето на сите граѓани на Македонија ќе биде приоритет и во наредните пет години“ порача Пендаровски.
Пендаровски посочи дека очекува голема поддршка на осми мај за државата да продолжи напред, како демократска, мултиетничка, прогресивна држава на рамноправни граѓани.
„Само бројот еден е гаранција дека Македонија ќе продолжи по правилниот курс кон ЕУ, се друго е продавање на политичка магла и обиди за враќање во времињата на тензии, поделби и неизвесност. Македонија нема друга опција освен продолжување на преговорите за членство во ЕУ додека да станеме дел од големото европско семејство. На 8 мај сите заедно да гласаме за европска Македонија, тоа се гарантира само со заокружување на бројот 1“, посочи Пендаровски.