Македонија
Мицкоски: Нудиме професионалци што имаат обврска да обезбедат кредибилен изборен процес
Овој настан беше потребен за да зборуваме отворено за некои работи и предизвици што нè чекаат во периодот што следува. Би сакал она што сакам да го кажам да го почнам со една работа што ја читав во текот на вчерашниот ден и утрово, а тоа е онаа новоформирана коалиција, барем во јавните гласила и на јавната сцена, а тоа е коалицијата Зечевиќ, Маричиќ, Груби, Османи заедно со јастребите што треба да нанесат штета на антивладиот глас во Македонија, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната дебата „Важно е – Платформа за иднина“, со наслов „Важно е да имаме фер избори“.
Претседателот Мицкоски нагласи дека СДСМ, Зечевиќ, Маричиќ, Груби и Османи сакаат да го девалвираат капацитетот на петте кандидати за министри и дополнителни министри во техничката влада од ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи дека сите тие заедно немаат половина од тоа што го имаат овие кандидати поединечно како сопствена биографија или нешто што направиле за Македонија, иако 6ипол години се министри во владата.
Ги читам нивните сега соопштенија каде што ги девалвираат капацитетите на овие 5 луѓе кои се овде до мене. Но, на тој начин тие сакаат да ја девалвираат практично целокупната коалиција која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е вистинската антивладина коалиција. Тоа е коалиција која се бори против Зечевиќ, Маричиќ, Груби, Османи, нови и стари Алтернативи и разно разни јастреби кои имаат задача да направат штета на антивладиниот глас во Македонија. Замислете за прес центарот кој што го водат Зечевиќ и Маричиќ а тоа е СДСМ, еден Артан Груби и Бујар Османи се по прифатливи од Стефан, Цветан, Елена, Панче, Ѓоко, а сите тие заедно немаат половина од тоа што го имаат овие кандидати поединечно како сопствена биографија или нешто што направиле за Македонија, иако 6ипол години се министри во владата, рече тој и додаде:
И тоа претставува политичка неодговорност и срам, затоа што и во поразите и победите човек треба да е достоинствен. Загубија кога велеа дека ќе има разделени избори, еве немаме, туку имаме избори кои што се споени. Ние им велевме дека изборите ќе бидат во април и мај, тие велеа не, ќе биле во март, па во август, но и тука капитулираа. А главната капитулација беше оставката на Димитар Ковачевски кога тој капитулираше пред истите овие кои што една државотворна партија на почетокот на 90титет како што беше СДСМ, ја претворија во измеќар и слуга на Артан Груби, Бујар Османи, Али Ахмети и сличните како нив.
Мицкоски истакна дека власта нанела многу зло и неправди кон граѓани, како и дека поради тоа стравот е голем кај нив.
Нанесоа многу зло, направија многу неправди изминатите 6ипол години откако се влада во Македонија и тоа народот нема да им го прости и тие се свесни за тоа, и затоа стравот е посилен од нив, кажа Мицкоски.
Мицкоски изјави дека примарната цел на ВМРО-ДПМНЕ е да го консолидира антивладиниот глас се со цел да освојат 61 пратеник, а на тој начин ќе се отвори портата не за реформи, туку за трансформација на Македонија.
Нашата примарна задача ќе биде да го консолидираме антивладиниот глас како коалиција која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, антивладиниот глас мислејќи на владата која што ја предводат СДСМ и ДУИ, и овие јастреби кои што ги поддржуваат во позадина и се опозиција на опозицијата. А како ќе го направиме тоа? Тоа ќе го направиме така што ќе покажеме нешто што е поразлично од тоа што до сега било, како што тоа достоинствено го покажуваат повеќе од 42 градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ работејќи чесно, посветено без ниту еден скандал коруптивен. Тие промовираа еден поинаков начин на функционирање во кој што можеме да кажеме дека не важи правилото сите се исти. Тоа треба да го направиме овие 100 дена и јас тоа го очекувам од овие луѓе кои денеска се со мене тука, а од граѓаните очекувам да не бидат жртви на реториката на јастребите кои што се опозиција на опозицијата, да го консолидираме гласот околу коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и да освоиме 61 пратеник, а на тој начин ќе се отвори портата не за реформи, туку за трансформација на Македонија. Во еден мандат 4 плус 4 да направиме целосна трансформација на Македонија. Тоа ќе ни биде првата задача да покажеме дека не сме сите исти, да го консолидираме антивладиниот глас и таа порака да стигне што е можно поширока секаде низ Македонија, нагласи Мицкоски.
Мицкоски рече дека техничките министри и дополнителните заменици министри од ВМРО-ДПМНЕ ги очекува многу работа и предизвици.
Втора работа која што е исто така важна во сите овие ресори без разлика дали станува збор за администрацијата каде вештачки се објавуваат конкурси, и таму гледаме дека партиски војници се вработуваат, а не луѓе со компетенции, да можеме да влијаеме да го сведеме тоа во едни нормални рамки, односно доколку се потребни луѓе за вработува да се примат луѓе со знаење и вештини, компетентни. Во земјоделие ќе има големи предизвици, утрово следев дека има проблем со откупот на тутун, реколтата е преполовена, но цените се незадоволителни, земјоделците протестираат. Кај Панче во МВР не очекува голема задача и предизвик. Институцијата МВР само по себе нуди многу предизвици. Но, јас сум убеден дека како истакнат правник за кој јас лично имам огромна доверба, заедно со тимот кој ќе го состави оние 15 менувања и хоризонтални поместувања, ќе одговори на предизвиците за организирање на фер и демократки претседателски и парламентарни избори. Кај Елена во финансии ќе има големи предизвици, знаете буџетот во каква состојба е. Елена е исклучителен професионалец со повеќе од 25 години работно искуство. Позади себе има 10тици обуки од ММФ, Светска Банка итн, рече Мицкоски и додаде:
Приоритет ќе и биде тоа што досега се исплатени 14,5 милијарди денари, а з а жал ниту една шајка не е закована. 14,5 милијарди денари се 245 милиони евра на граѓаните.
Ѓоко во труд и социјална политика има долгогодишно искуство, ги поминал буквално сите скалила, и порача до граѓаните кои се корисници на услугите да не наседнуваат на оние кои ќе им пристапуваат со закани и уцени доколку не гласаат за ДУИ и СДСМ, дека ќе им се сопре услугата, бидејќи како што рече тоа нема да се случи, потенцираше тој.
На крај, Мицкоски порача дека ова се 5те луѓе професионалци од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе бидат дел од техничката влада, а кои ќе треба да обезбедат кредибилен процес, да го одбранат гласот и волјата и народот.
Имаме тим од 5 професионалци кои убеден сум дека овие 100 дена ќе дадат се од себе за да обезбедат кредибилен процес, да го одбранат гласот и волјата и народот, а со својата работа ќе покажат и докажат дека не се сите исти, а ние на 8ми мај ќе се радуваме на нов претседател од ВМРО-ДПМНЕ и победа со мнозинство во парламентот, како коалиција која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, дециден е Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР со владиниот авион ќе ги евакуира нашите државјани од Израел, првите се очекува да пристигнат утре
За евакуација на Македонците кои сакаат да се вратат дома од Израел, Министерството за надворешни работи (МНР) ќе го испрати владиниот авион. Од Израел ќе бидат пренесени на локација до која е безбедно да стигнат по копнен пат од каде што ќе ги преземе владиниот авион.
„За Македонците кои се во Израел веќе договараме евакуација. Се разгледуваат алтернативни патни правци кои се безбедни за да можат да бидат извлечени, а од таму да ги преземеме со владиниот авион. Првите патници очекуваме да стигнат дома уште утре“, изјавија од МНР за „Макфакс“.
Во владиониот авион има место за седуммина патници, но за да можат да си дојдат дома сите заинтересирани, се разгледуваат можности за комерцијални летови од безбедните околни точки.
Евакуација од Израел досега побарале 19 патници кои се дел од вкупно 473 македонски државјани кои ги контактирале дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во Тел Авив, Доха и Абу Даби. Во Катар се пријавиле 106 лица, 348 се обратиле до ДКП Абу Даби, 18 лица од Кувајт и 12 лица од Бахреин.
За патниците од Катар, од МНР велат дека се во преговори за специјален комерцијален лет со кој би се вратиле дома оти сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат, а вrаќањетo од Обединетите Арапски Емирати ќе почне во првата безбедна прилика.
Денес во Белград слета авион со 200 српски државјани кои се вратија од Дубаи со комерцијален лет, а аеродромот извести дека ќе го продолжи воздушниот сообраќај со реализација на ограничен број летови. Приоритет ќе им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои ќе бидат дополнително прераспределени на ограничените летови, ќе бидат директно контактирани од компанијата.
Македонија
Интензивирани активности за пролетно уредување и модернизација на јавните површини во Ѓорче Петров
Во пресрет на пролетната сезона, Општина Ѓорче Петров започна засилена и координирана акција за уредување, разубавување и системско одржување на јавните површини на целата територија на општината.
Активностите се дел од поширока стратегија за унапредување на урбаната хигиена, зголемување на безбедноста и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
„На терен се реализира интензивно кастрење на дрвја и жива ограда со цел подобрување на безбедноста и зачувување на зеленилото, расчистување на гранки и зелен отпад и нивно соодветно отстранување, темелно чистење на тротоари, рабници и пешачки зони, уредување на паркови, детски игралишта и меѓублоковски простори.
Со овие активности се создава почиста, побезбедна и поуредена животна средина, а истовремено се поставуваат основи за понатамошни инфраструктурни и еколошки интервенции во текот на годината.
Општината останува целосно посветена на континуирано и одговорно одржување на јавните простори, со јасна визија за модерно, зелено и функционално Ѓорче Петров. Во наредниот период, активностите ќе се интензивираат и ќе опфатат дополнителни локации, согласно утврдениот план“.
Македонија
Заедно за безбедност: Mozzart донира тактички елеци на Интервентната единица
Интервентната единица при Министерството за внатрешни работи доби нови тактички елеци донирани од компанијата Mozzart. Со оваа донација, компанијата ја потврди својата подготвеност да поддржи институции кои работат на заштита и безбедност на граѓаните.
Тактичките елеци ќе придонесат за подобра заштита и ефикасност на припадниците на единицата при извршување на нивните задачи.


„Со задоволство одговоривме на барањето за набавка на нови тактички елеци. Интервентната единица секојдневно е на терен и се грижи за јавната безбедност, а нашата компанија имаше можност да даде конкретна поддршка. Соработката ќе продолжи и во иднина,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Во рамки на својата стратегија за општествена одговорност, Mozzart од почетокот на годината реализира повеќе проекти во различни области – од поддршка на кампањата „Ретко е да си редок“, преку организација на бесплатни театарски претстави, до донации за институции од областа на безбедноста. Активностите ќе продолжат и понатаму, опфаќајќи спорт, здравство, екологија и култура.
ПР

