Македонија
Мицкоски татковината ќе продолжи да ја нарекува Македонија: Не очекувам талибански однос и цензурирање
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој утре очекува од претседателката Гордана Силјановска-Давкова да го добие мандатот за состав на влада, го следи нејзиниот пример кога се работи за употреба на името на земјата. Најави дека татковината во изјавите ќе продолжи да ја нарекува Македонија, без придавката, која ќе ја има во институционалната комуникација. Претседателката Силјановска-Давкова на заклетвата во Собранието, по изборот, земјата ја нарече Македонија, без придавката, но го потпиша документот во кој е целото име на државата во согласност со преспанскиот договор.
Мицкоски смета дека хистеријата кај нашиот јужен сосед за употребата на името е резултат на нивната изборна кампања.
„Не очекувам талибански однос, цензурирање елементарно човеково право, а сè што е содржано во преспанскиот договор и е дел од нашиот правен систем и уставен поредок идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитува, вклучително и решенијата за пратеници што ги добивме. Ги добивме со придавката содржана во нив. И предлог-законот, кој денеска го поднесувам, е со придавката вклучена во него. Но, мое човеково право загарантирано со многу конвенции е правото на слобода на изразување и говор. Јас не им се лутам на политичарите кога не го кажуваат целото и потполно име на својата држава, туку, едноставно, крајот или дел од тоа име. За мене, мојата татковина во секоја моја изјава е Македонија и ќе остане Македонија. Целокупната институционална комуникација, која е дел од законите и Уставот, ќе биде почитувана сè додека тие закони и Уставот се во сила, онакви какви што се“, рече Мицкоски.
Доколку на самитот во НАТО се отвори употребата на името како прашање, Мицкоски е подготвен да одговори. Вели дека е подготвен и за дебата за тоа кој колку реализирал од преспанскиот договор.
„Мојата порака ќе биде дека јас би сакал да градам мостови на соработка, на пријателство со нашите соседи, вклучително и со нашиот јужен сосед, источен, северен, западен. Македонскиот народ и граѓаните се мирољубиви луѓе, мирољубив народ, гостопримлив. Така се однесувале, очекувам така да се однесуваат и нашите соседи. Да соработуваме и да негуваме добрососедски односи. Ниту имам намера талибански да се однесувам ниту очекувам во 21 век талибанско однесување од кој било политичар. Можеме не само таму, туку на кој било форум да отвориме дебата, па да видиме кој колку реализирал од преспанскиот договор, иако не би сакал да го губам времето убедувајќи се со моите колеги кој колку реализирал. Би сакал да зборуваме за инвестиции, за подобар стандард, за развој, за рефроми…“, вели Мицкоски.
За однесување во пријателски дух со соседите вчера повика и претседателката Силјановска-Давкова и порача дека би можеле да бидеме малку Скандинавци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

