Македонија
Од вицепремиер го направија пророк, јавноста во дилема како Груби знае дека „аудито“ на комшијата е запалено поради него
Палењето на луксузното „ауди“, го отвори прашањето, чиј е опожарениот автомобил – на вицепремиерот Артан Груби или 35-годишен скопјанец кој е негов сосед. Полицијата евидентирала дека возилото не е формална сопственост на Груби, а тој излезе со извинување до пријателот-сопственик, со тврдење дека возилото е запалено поради неговата професија. Не даде одговор – зошто пироманите би запалиле туѓо возило, за да го заплашат него.
За настанот има низа реакции од професори, новинари, правници, политичари, особено поради тоа што Груби нема пријавено во Државната комисија за спречување корупција дека е сопственик на „ауди“ туку дека има само стар „цитроен“ од 2001 година. Дел од нив се и иронични.

„ДКСК во анкетен лист да воведе графа ‘корисник на имот’, да видиме колку политички корисници на движен и недвижен имот имаме, чиста работа“, напиша адвокатот и екссудија, Владимир Туфегџиќ.
Професорката Мирјана Најчевска, коментира дека се плаши, да нѐ му текне на некого, да го запали нејзиниот автомобил, поради вицепремиерот.
„Се надевам нема да ми го запалат мојот автомобил за да му испратат порака на Груби“, напиша Најческа.
Се надевам нема да ми го запалат мојот автомобил за да му испратат порака на Груби.https://t.co/K2ijADBZiY https://t.co/il7XXjQSXa
— Mirjana (@ibogovitelicno) July 23, 2023
Со коментар излезе и актерката и експратеничка, Софија Куновска.
„И не му ја палите колата, пак нова ќе треба да му купиме“, напиша таа.
Ексминистерот за финансии, Џевдет Хајредини, прашува: „Не е јасно зошто Груби му се извинува некому на кого некој друг, а не он, му ја запалил колата“.
Tоа што Груби нема пријавено дека има „ауди“, а запалениот автомобил го поврзува со него, предизвика и коментари кај граѓаните.
„Аудито на Артан толку се оштетило во пожарот што во ДКСК го пријавил како ‘цитроен ксара’ од 2001 година“, пишува во еден од коментарите.

Новинарката Жанета Трајкоска, прашува, дали сега комшијата ќе му даде ново „ауди“ на Груби или комшијата ќе му даде ново „ауди-играче“ за да си вози вицепремиерот низ Скопје.
„Важно е да имаш сериозни пророчки способности како Груби, па 102 отсто да знаеш дека колата на комшијата што тебе ти ја дал да си играш (и што не кошта 1000 евра) е запалена заради тебе, а не заради комшијата на пример?! Важно е и да не прашаш кој е комшијата што може да му даде ауди играче на Груби и колку има комшијата други вакви ‘аудиа’ што ги дава по комшии?! Важно е и цела држава заедно со Бујар Османи да е згрозена од палењето на автомобилот на комшијата на Груби, ама никако министерот да не праша зошто вицепремиерот Груби користи возило на својот сосед за партиски и владини средби, зарем толку е фрустриран од својата ‘Ксара’ и ако ова му е таква фрустрација па мора да користи комшиско ауто, како е бре вицепремиер?! Утре што ќе му земе на комшијата?!“, напиша Трајкоска.
Фамозното луксузно „ауди“ беше запалено вчера, во текот на ноќта. МВР излезе со информации, но не го поврзува со Груби. Подоцна, вицепремиерот излезе со статус во кој се извини на комшиите и пријателот кој е сопственик на возилото.
Крешник Бектеши во објава на својот Фејсбук профил изрази жалење за, како што вели, обидот за напад врз првиот вицепремиер Артан Груби, а во врска со палењето на автомобил на негов сосед за кој медиуми шпекулираат дека всушност е на Груби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Две недели без одговор како 5 тони дрога поминале преку граница, бараме одговорност од Мицкоски
СДСМ обвинува дека и по 14 дена нема одговор од институциите за, како што велат, „најголемиот нарко-скандал во регионот“, поврзан со транспорт на пет тони дрога преку државната граница.
Од партијата посочуваат дека молчат премиерот Христијан Мицкоски, како и повеќе функционери, оценувајќи дека тоа отвора сомнежи за одговорност на власта.
„Овој гласен молк е најсилна потврда дека скандалот води до врвот на Владата“, се наведува во соопштението.
СДСМ реагира и на изјавите дека биле запленети 100 тони марихуана, оценувајќи дека доколку постоело толкаво производство, тоа претставува сериозен пропуст на институциите.
Според нив, за такво количество би била потребна површина од над 30 хектари, поради што прашуваат дали биле извршени контроли од надлежните служби, вклучително и полицијата, инспекторатите и безбедносните агенции.
Партијата дополнително прашува како пет тони дрога биле транспортирани со товарни возила покрај системите за надзор, камерите и граничните контроли.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема скандал, ниту криминал, а во тоа да не се вмешани Заев и Филипче
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека постои поврзаност меѓу Венко Филипче и сопственикот на компанијата „ЦБД Медплант“, Тони Котев, во врска со случајот со запленета дрога.
Од партијата велат дека во јавноста се појавиле фотографии на кои двајцата се заедно, што, според нив, ги демантира изјавите на Филипче дека не ги познава лицата поврзани со фирмата.
„Откако со денови СДСМ се обидува да ја релативизира аферата со запленетата дрога, вистината излезе на виделина. Филипче тврдеше дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на фирмата, но фотографиите покажуваат поинаку“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто, како што велат, владејачката партија реагира на случајот со запленети над 30 тони дрога и дали постои поврзаност со поранешни функционери.
Од партијата повикуваат Јавното обвинителство да ја испита можната поврзаност на Филипче со случајот.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка
Најстудено утрово е во Берово -4 степени, на Попова Шапка се измерени -2, додека во Крива Паланка, Претор, Битола, Струмица, Mаврови Анови се измерени 0 Целзиусови степени. Над нулата е во Тетово, Прилеп, Штип, Kрушево каде се измерени еден степен, Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Виница по два, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Кавадарци по 3 и Гевгелија пет Целзиусови степени, информира УХМР.
Најмногу снег има на Попова Шапка, каде висината на снежната покрива изнесува 62 сантиметри.
За изминатите 24 часа до 07 часот во најмногу врнежи имало во Охрид и Претор каде се измерени 2 l/m2.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во северозападните делови (локално над 25 l/m²). Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 14 степени.

