Македонија
Од владината седница: одлука за прераспределба на средства од буџетот со цел зголемувања плати, пензии, социјална помош, набавка на лекови, поддршка на компании
Владата на Република Северна Македонија го разгледа и утврди предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година и ја разгледа и утврди предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите.
Со донесените владини заклучоци се предлага прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници и фондовите за 2023 година поради што за спроведувањето на предложениот закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на буџетот, според образложението од предлагачот на точките, Министерството за финансии, не се потребни дополнителни финансиски средства.
„Со прераспределбата на средства помеѓу буџетските корисници и фондовите за 2023 година се обезбедуваат средства за зголемување на платите за 10 % од септември 2023 година и исплата на регрес за годишен одмор за 2023 година во согласност со одредбите од Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор; дополнителни средства за пораст на пензиите од септември 2023 година; се обезбедуваат средства за спроведување мерки за надминување определени непредвидени состојби во стопанството, се обезбедуваат дополнителни средства за субвенции во областа на земјоделството и образованието; поддршка на домашни и странски компании преку обезбедување дополнителни средства за државна помош; се обезбедуваат дополнителни средства за исплата на правата од социјалното осигурување; набавка на лекови во областа на здравството и слично“, се наведува во соопштението на Владата.
„Законот, чие донесување се предлага, се заснова врз начелата за рационално, економично, ефикасно и ефективно трошење на средствата од корисниците на буџетот и законитост и одговорност при користењето на средствата на буџетот за извршување на утврдените обврски на Републиката.
По утврдувањето од страна на Владата на Република Северна Македонија, предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на буџетот на Република Северна Македонија и предметната предлог-одлука ќе бидат доставени до Собранието на Република Северна Македонија“, се додава во соопштението на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја делови од општините Илинден и Кисела Вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат делови од општините Илинден и Кисела Вода.
Од 08:30 – 09:30 часот, корисниците од улицата бр. 34 во населба Илинден, општина Илинден ќе немаат струја.
Без електрична енергија од 09:00 – 13:00 часот, ќе бидат корисниците од дел од улицата Востаничка во општина Кисела Вода.
Македонија
Управен оформи предмети за седумте тужби на „Европскиот фронт“ против решенијата на ДИК
Управниот суд оформи седум предмети за поднесените тужби од „Европскиот фронт“, кои се против одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) за одбивање на приговорите за парламентарните избори.
„Со оглед на роковите за постапување и одлучување, Управниот суд итно ги презема сите процесни дејствија согласно Изборниот законик“, се вели во соопштението.
- Решение бр.УП1 бр.10-21/2 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.87/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-21/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.88/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-15/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.89/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-17/2 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.90/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-17/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.91/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-6 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.92/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-19/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.93/2
Попладнево Управниот суд одржа јавна седница по тужбата на „Вреди“. Судот одлучи дека постапката се прекинува откако претставникот на коалицијата изјави дека тужбата ја повлекува во целост.