Македонија
Од говедскиот коронавирус не може да се заразат луѓето
Говедскиот коронавирус претставува еден член на групата коронавируси, кој, како што самото име укажува, може да предизвика болест само кај говедата и не претставува никаква опасност за луѓето. Овој вирус е одамна добро познат како причинител на дијареја и респираторни инфекции кај телињата и возрасните говеда и се среќава насекаде во светот, вели проф. д-р Кирил Крстевски од катедрата за заразни болести и епидемиологија при Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје.
„Терминот коронавируси означува група составена од голем број сродни, но сепак различни вируси. Оваа група сродни вируси (коронавируси) се добро познати причинители на дигестивни и респираторни нарушувања кај голем број животински видови и човекот. Она што е значајно да се истакне е тоа што секој поединечен коронавирус од оваа група може да предизвика заболување само кај оној вид организам за кој е адаптиран и оттука може да го нападне и инфицира“, појаснува Крстевски.
Според него, со оглед на тоа што појавата на говедскиот коронавирус е поврзана со смалена продукција кај говедата и губитоци за фармерите, препорачливо е лабораториско испитување за утврдување на неговото присуство при појава на дигестивни и респираторни инфекции кај говедата.
„Во контекст на ова, нашата лабораторија врши испитување на присуството на овој вирус во случаите кога тоа е индицирано и позитивните наоди не се ништо ново ниту, пак, невообичаено за ветеринарните лекари и одгледувачи на животни“, потсетува проф. д-р Крстевски. Тој вели дека постојат и други, добро познати типови на коронавируси, кои се причинители на болести со слична симптоматологија и кај другите домашни животни (свињи, коњи), миленици (кучиња, мачки) и живина (кокошки).
Како што објаснува проф. д-р Крстевски, од она што засега со сигурност се знае причинителот на Ковид-19 може да ги инфицира мачките и ласиците и кај нив да предизвика појава на респираторни симптоми. Иако вирусната РНК е потврдена и кај неколку кучиња, во моментот се смета дека вирусот кај кучињата не може да се реплицира и да предизвика болест.
Од овие причини, според него, потребно е да се ограничи контактот на домашните миленици (особено мачките) со лица што се сомнителни на или заболени од Ковид-19 за тие да се заштитат од можна инфекција. Во таа насока, се препорачува милениците на луѓето заболени од Ковид-19 да бидат згрижени од некој друг. Доколку тоа не е можно, потребно е сопственикот да избегнува блиски контакти со своето милениче и да носи маска, односно да ги применува истите превентивни мерки како и во однос на другите членови од семејството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

