Македонија
Од понеделник ДСЗИ во засилени контроли: нецелосно вакцинирани и невакцинирани деца со дитепер не смее во гадинка
Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја доби одлуката од министерот за здравство за засилени контроли во градинките во согласност со препораката на Комисијата за заразни болести. Комисијата препорача нецелосно вакцинираните и невакцинираните деца да не одат во градинка за да се заштит себе, но и другите, поради епидемијата на голема кашлица во Скопје.
„Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја доби одлуката од Министерот за здравство врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести, да изврши вонредни инспекциски надзори и забрани прием на деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани со вакцината дитепер или се нецелосно имунизирани со оваа вакцина. Вонредните инспекциски надзори ќе почнат в понеделник на 11.3.2024 година со издавање решение за забрана на прием на деца што не се имунизирани со дитепер или се нецелосно имунизирани со дитепер и други наложени епидемиски мерки“, велат од Инспекторатот.
Инспекторите ќе ги задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со дитепер, ќе им советуваат да не се примаат деца со други инфективни заболувања, како и за секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје Скопје.
Иако Комисијата за заразни болести ја донесе препораката за градинките во вторникот, Инспекторатот не почна веднаш со засилени контроли. Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат на посебна прес-конференција во средата рече дека за да почнат засилено да контролираат во градинките, ќе ја чекаат одлуката од министерот, дека ги прифатил препораките на Комисијата за заразни болести. Министерот за здравство, Илир Демири, веднаш по нејзината прес-конференција, извести дека ја прифатил препораката. Одлуката патувала три дена до Инспекторатот, кој засилените контроли ќе ги почне в понеделник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

