Македонија
Општина Тетово да не ги уценува граѓаните со зголемување на сметките за услуги што не ги дава, реагира разгранокот на ДУИ во Тетово

Огранокот на ДУИ во Тетово денеска на прес- конференција ги таргетира уцените што општина Тетово им ги прави на граѓаните преку поскапување на сметките за вода и општинските услуги кои не ги дава.
Пратеничката, Рина Ајдари пред медиумите осуди, како општина Тетово со обидот да го претвори општинското претпријатие во јавно-приватно партнерство им нанесува штета на граѓаните.
„Отсега натаму, благодарение на раководството на општина Тетово, граѓаните ќе плаќаат 4 пати повеќе од она што досега плаќале за отпадот. Тоа најдобро го докажуваат фактурите што стигнале до граѓаните од компанијата „СаунерМахер“, фирма со која општина Тетово се договорила да управува со отпадот на граѓаните. Оние кои досега плаќале 300 денари за сметка, сега ќе плаќаат до 1300 денари месечно, а за една година едно семејство ќе троши 200 евра повеќе, благодарение на неправедните одлуки на поединците кои раководаат со општина Тетово. Сето ова дојде како резултат на неможноста да се менаџираат општинските институции правејќи ги јавно-приватно партнерство, само за да имаат корист луѓето од нивниот близок круг“, вели таа.
Тетовчани, како што додава, се принудени да плаќаат за фиктивни услуги кои воопшто не ги добиваат, а како пример ги наведуваат фактурите за отпад што се добиени од населените места Порој и Џепчиште, каде граѓаните, како што појаснува, плаќаат за канализација и вода за пиење, додека немаат канализација и со вода за пиење стопанисуваат месните заедници од овие населени места со сопствени средства.
„Општина Тетово вчера апелираше до сите граѓани со зголемените сметки да одат во нивните канцеларии и да се пожалат, додека советниците на партијата што раководи со општина Тетово, во Советот на општината пред неколку недели гласаа за поскапување на општинските услуги. Сето ова очигледно се прави од единствена причина што оваа структура да е во контакт со граѓаните и да ги уценува. Актуелното раководство на општина Тетово не штеди ништо за остварување на нивните тесни интереси“, кажа таа.
Апелираат тие да не вршат притисок врз граѓаните и да не ги уценуваат, туку да се занимаваат со обврските што му припаѓаат на едно раководство, како заштитата и безбедноста на граѓаните и чистење на градот од ѓубрето што смрди насекаде.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.