Македонија
Османи – Викерс: Влезот на британски компании во Македонија е мошне мотивирачка порака
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со специјалниот претставник на премиерот на Обединетото Кралство за трговија со Западен Балкан, Мартин Викерс.
На средбата Османи ја поздрави континуираната поддршка што Македонија ја добива од Обединетото Кралство, која е втор најголем економски партнер на нашата земја и главен странски инвеститор, а исто така е една од првите држави што со децении инвестира во зголемување на безбедноста и политичката стабилност во овој дел од Балканот.
Османи се осврна на исклучителната соработка на економски план помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, а личната заложба на Викерс преку неговиот ангажман и посетите што ги реализира во регионо ќе бидат движечката сила за понатамошното продлабочување на соработката помеѓу двете земји во насока на унапредување на големи проекти не само во Северна Македонија туку и во регионот, како што се патното и железничкото поврзување, потоа проекти за обновлива енергија, потенцирајќи го значењето на зелената агенда во билатералната соработка, а со тоа и интересот за инвестирање во полето на менаџирањето на отпадот и на отпадните води.
Воедно, министерот Османи предложи двете страни да усогласат акциски план за дејствување за 2022 година и понатаму, кој ќе служи како рамка за практично спроведување на сите наведени проекти. Во духот на соработката, на економски план беше истакнато значењето на новиот концепт на економска дипломатија што го спроведува МНР и беше упатена отворена покана за посета на Обединетото Кралство со цел размена на искуства на стручните тимови на двете министерства во насока на отварање нови пазари за македонските производи со акцент на земјите од Комонвелтот и Далечниот Исток, каде што Обединетото Кралство има традиционални долгогодишни трговски врски.
Мартин Викерс, претставникот на премиерот на Обединетото Кралство – Борис Џонсон, заблагодарувајќи се на одличната соработка, најави скорешна посета во своето второ својство, како претседател на парламентарната група за пријателство меѓу двете земји, најбргу што може, при што го истакна значењето на развојот на парламентарната дипломатија. Воедно, повтори дека влезот на британски know how и компании што имат искуство во енергетиката, инфраструктурата, паметните концепти за развој, железницата и други големи области од витално значење за нас, но и за регионот, е мошне мотивирачка порака што би требало да им даде силен импулс на владите во регионот да работат токму во изнаоѓањенајдобри решенија за своите идни капацитети.
На средбата се истакна и важноста на неодамна потпишаната спогодба за партнерство, трговија и соработка, со што уште еднаш се потврдуваат заедничкиот политичко-економски интерес и поддршката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Маскиран со „фантомка“ влегол во казино во Лешок, репетирал автоматската пушка и украл 329.780 денари: притвор за 28-годишник
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка.
На 24 април, осомничениот, маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.
На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.