Македонија
Османи до Кулеба: ОБСЕ може да направи многу за време на војна, но уште повеќе за време на мир, што е наш клучен приоритет во Украина
Украина и заштитата на украинскиот народ како приоритет на ОБСЕ, конкретните активности што програмата за поддршка на Украина на ОБСЕ ги презема на терен, состојбата на тројцата припадници на ОБСЕ, кои се во затвор во Донецк и во Луганск, беа дел од темите на средбата на претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.
Османи и Кулеба на средбата во Киев разговараа и за тоа што може ОБСЕ дополнително да направи за поддршка на земјата која се соочува со руската воена агресија. По средбата, на заедничката прес-конференција Османи истакна:
„Во јануари, за време на мојата прва посета на Украина како претседавач со ОБСЕ, реков дека вашата храброст и пожртвуваност ја заслужуваат нашата најголема почит. Инспириран од вашата издржливост, денес сум уверен дека ќе победите. Украина ќе победи“.
Османи додаде дека програмата за поддршка на Украина, финансирана од донатори, а која се спроведува од ноември 2022 година, ќе продолжи да ѝ помага на Украина преку имплементација на проекти приспособени на нејзините специфични потреби.
„Овие проекти ќе помогнат да се решат последиците од војната и исто така да ги поддржат долгорочните реформски напори на Украина и потребите на нејзините граѓани. Често кажувам, ОБСЕ може да направи многу за време на војна, но уште повеќе за време на мир, што е наш клучен приоритет во Украина“, рече Османи.
Османи потенцира дека и покрај предизвиците со кои се соочува Организацијата, нарушувањето на нејзините основни принципи предизвикани од воената агресија на Руската Федерација, ОБСЕ е отпорна и ќе продолжи да се придржува до основните вредности со поддршка од останатите земји учеснички.
„Како претседавач со ОБСЕ, продолжив да ја повикувам Русија да ја прекине оваа војна, да ги повлече своите трупи од Украина, повторно да се посвети на принципите и вредностите на ОБСЕ. Продолжувањето на оваа војна не само што ги уништува животите, домовите и надежите на луѓето од Украина туку создава и состојба на нестабилност и неизвесност во поширокиот регион на ОБСЕ“, потенцира Османи.
Украина останува централен приоритет за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, рече Османи, а состојбата во Украина ќе биде и една од главните теми на Министерскиот совет на ОБСЕ, што ќе се одржува во декември во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

