Македонија
Османи – Коен во Њујорк: Заемни заложби за развој на односите и зајакнување на врските меѓу регионите

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со министерот за надворешни работи на Израел, Ели Коен, во рамките на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, што се одржува во Њујорк.
Соговорниците ги реафирмираа заложбите за понатамошно зајакнување на билатералните односи, со посебен фокус на економската соработка и бизнис-релациите, а беше поздравена и одличната соработка во меѓународните организации.
„Северна Македонија како полноправна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот – ИХРА има значајна улога во глобалната борба против антисемитизмот. Остануваме посветени на нашата определба за сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот, како и на борбата против говорот на омраза, лажните вести и други негативни појави со кои сите се соочуваме“, истакна Османи.
На средбата стана збор и за безбедносните предизвици и актуелни состојби во двата региона, при што беа нагласени заедничките заложби за промовирање на мирот и безбедноста како наш значаен и споделен интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Лефков: Структури од СДС делуваат со бугарската антимакедонска пропаганда

До нас стигнаа информации кои укажуваат на јасна поврзаност на бугарската антимакедонска пропаганда и политички структури поврзани до и од СДС, кажа денеска на прес-конференција, Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Лефков истакна дека „според тие сознанија, постои целосна поврзаност и соработка кон негирање на македонскиот идентитет и јазик, и напад на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, кои се единствена брана за македонските интереси“.
„Информациите говорат дека одредени кругови во СДС и блиски до нив, се целосно финансирани од бугарски фондови, а до цел оркестрирано измислување и ширење на лаги и конструкции за политичари од ВМРО-ДПМНЕ и државниот врв. Ова што го зборуваме, многу јасно се гледа и од брзината со која фабрикациите за ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски од бугарските медиуми, се шират во македонскиот етер од структури блиски до СДС. Како поткрепа на оваа антимакедонска пропаганда, стои Венко Филипче и неговата скриена за јавноста позиција, дека ќе прифати внесување на Бугарите во Уставот, без било какви барања“, кажа Лефков.
Според него, „целта на целиот напад и акцијата е да се нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ, а во игра се и пари“.
„СДС се обидува да се наметне како фактор во целиот процес, од кој подоцна би зависела надворешната политика на државата. Ваквата пропаганда покажува само едно, а тоа е дека СДС нема намера да се наметне со програма на избори, туку својата безидејност ја заменува со распродажба на македонските интереси, обидувајќи се да одигра на страната на Бугарија“, рече пратеникот Лефков.
Македонија
(Видео) Кузеска: Тошковски кога ќе порасне сака да биде како Груевски – со партиска милиција под своја контрола

Очигледно министерот Панче Тошковски оди по стапките на својот идол – Никола Груевски и делува како негов партиски клон, рече денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Според неа, „со предлог законските измени кои Тошковски ги предлага во Законот за полиција, тој готви партиска милиција на ВМРО-ДПМНЕ под негова контрола“.
„Наместо модерна, професионална, европска полиција – Тошковски го претвора Министерството за внатрешни работи во пара-полициски апарат на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е реформа, ова е отворање на вратите за криминалци, послушници и партиски војници.
Ова е рецепт за полициска држава! Законот за измени на Законот за полиција што го предлага Тошковски е опасен за целиот безбедносен систем, антиевропски и длабоко корумпиран обид за партизација на полицијата, елиминација на кариерниот систем и уривање на безбедносниот поредок“, вели Кузеска.
Таа рече дека „наместо полиција што штити граѓани, Тошковски прави партиска милиција што штити криминалци“.
„Бараме итно повлекување на законот, прекин на узурпацијата на МВР и отворање јавна дебата за департизација на полицијата. Полицијата мора да биде сервис на граѓаните, не оружје во рацете на партиската мафија. Ова не е политичка борба – ова е борба за безбедност, за државата и за правото! Македонија не смее да си дозволи нова верзија на режимот на Груевски, со Тошковски во улога на негов партиски клон“, кажа Кузеска.
Македонија
ЦУК: Активни 5 пожари

Центарот за управување со кризи информира дека до 13:00 часот се евидентирани вкупно 7 пожари на отворен простор, од кои: 5 се активни, еден е под контрола и еден е изгаснат.
Активни пожари:
Општина Желино – с. Желино према Еребино, планина Жеден (нискостеблеста шума, грмушки и ниска вегетација)
Општина Василево – с. Нивичино (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација)
Општина Македонски Брод – с. Грешница (мешана шума и ниска вегетација)
Општина Македонски Брод (реактивиран) – помеѓу с. Црешнево, с. Локвица и с. Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација)
Општина Прилеп – помеѓу селата Царевиќ и Смолани (мешана шума и нискостеблеста вегетација)
Под контрола е огнот кај селата Џидимирци, Крушје и Иванковци каде гори мешана нискостеблеста деградирана шума.
Изгаснат е пожарот во Општина Македонски Брод, село Слатина.