Македонија
Османи од Брисел: Подготвени сме за уставни измени, политичарите од соседство да престанат со провокациите
Плодна дискусија , на чија агенда беше европското досие на Северна Македонија.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на денешната седница на Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент, одговараше на бројните прашања на европратениците околу актуелните предизвици со кои се соочува нашата земја на патот кон Унијата, почнувајќи од скрининг процесот, реформската агенда, уставните измени па се до статусот на етничките заедници, со фокус на Бугарската етничка заедница.
Османи истакна дека Македонија покажа дека и во регион како Балканот полн со предрасуди, државите можат да бидат и функционални мултиетнички демократии како Македонија којашто служи како пример, не само за регионот туку и пошироко. Доказ за тоа, како што вели тој, е претседателството со ОБСЕ.
Османи истакна дека тоа што ги разликува државниците од политичарите е фактот дека државниците од Северна Македонија мислат за идните генерации, наспроти политичарите кои мислат само за следните избори. Во тој контекст државата има цел да изгради совршен однос кон сите заедници без разлика на нивната бројност, каде сите граѓани без разлика на својата етничка припадност ќе имаат ист третман, но дека истовремено е потребно да се создава соодветна атмосфера и во соседна Бугарија и да се напушти праксата на провокации од политичари кои сред Скопје го негираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик.
„Договорот со Бугарија и договорот со Грција и Охридскиот рамковен договор се трите столба на евроатланска Северна Македонија. И јас се гледам себе си како чувар на трите договори. Јас уште еднаш пружам рака дека во Северна Македонија имаме цел да изградиме перфектно општество како однос на државата кон сите заедници независно колку се тие бројни“, рече Османи.
Нагласи дека уставните измени, за кои денес почнаа институционалната расправа, ќе значат и формално можност за интегрирање на бугарската заедница.
„Почнува првата средба на Комисијата за уставни измени и со тоа почнува јавната дебата за уставните измени. Ќе се обидеме да стигнеме до секој граѓанин и да објасниме дека овој процес е важен и за интегрирањето на заедниците, меѓутоа и за продолжување на патот кон Европската Унија, но тоа нема да можеме да го направиме сами. За тоа ќе ни треба поддршка. Поддршка од вас во смисла на вбризгување кредибилитет во процесот”, рече Османи.
Меѓу другото, Османи повика јасни сигнали од Брисел за кредибилен и предвидлив евро-интегративен процес, како одговор на евроскептицизмот кој е во раст во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
После 30 години целосно е реконструирана улицата ,,Марко Орешковиќ” со краците
После 30 години целосно е реконструирана улицата „Марко Орешковиќ” со нејзините краци. Обновата на оваа сообраќајница која имаше видливи оштетувања беше големо барање од жителите од овој дел на општината кои се жалеа на лошите сообраќајни услови и за возилата и за пешаците и претставува целосно исполнување на ветувањето што им го даде градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, известува општина Кисела Вода.
„Обновата низ целата Кисела Вода која досега опфати преку 50 км улици и патишта не запира. Улицата „Марко Орешковиќ“ која сега е комплетно реконструирана, во минатото беше сообраќајница која имаше големи оштетувања кои го отежнуваа движењето и за пешаците и за возилата, но и покрај тоа, не била реконструирана над три децении. Зафатот се одвиваше на потегот од улицата „Мариовска“, опфаќајќи ја улицата „Марко Орешковиќ“ и нејзините краци.
Улицата добива и паркинг простор за уште поголемо олеснување на сообраќајот. Во овој дел од општината живеат околу 800 лица кои до поранешните раководства на Општината, цели три децении упатувале барања за реконструктивни активности, но за жал, досега не наишле на позитивен одговор. Тоа денес е минато. Она што од мене им беше ветено, денес е реализирано во целост! И овде не застануваме. Продолжуваме со градежните активности низ сите населби и населени места за да бидеме уште еден чекор до целта – до крајот на мојот мандат, а и многу порано од тоа, Кисела Вода да нема неасфалтирана улица! Мојот народ заслужува“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
ЈП Паркови и зеленило: Немаме склучено договор со Владата за одржување на дворот на објектот
ЈП Паркови и зеленило преку писмено соопштение се огласи во врска со прашањето дали имаат склучено договор со Владата за одржување на дворот на објектот на Владата.
„Таков договор со Владата нашето претпријатие нема склучено. ЈП Паркови и зеленило е надлежно за одржување на зеленилото во парковите, булеварите, собирните и магистрални улици кои се под надлежност на Град Скопје, како и Парк шумите Водно, Гази баба, СРЦ Сарај и Матка.
Останатото зеленило во населбите и помеѓу блоковите е под надлежност на општините, додека пак дворовите во сите институцции се обврска за одржување на самата институција (било да се работи за болница, поликлиника, државна агенција, министерство, па и Влада). Во сите овие институции има општи служби кои треба да се грижат за овие прашања, или треба да склучат договор со ЈП Паркови и зеленило за уредување или одржување на нивните дворови, по кој договор ние понатаму би постапувале. Во случајов таков договор со Владата претпријатието нема склучено“, се наведува во соопштението на ЈП Паркови и зеленило.
ЈП Паркови и зеленило испратија јавно достапен документ за тоа кој треба да го одржува дворот на Владата.
Македонија
Сиљановска Давкова со ректорите на државните универзитети: разменети мислења за реформите во високото образование со цел достигнување на европските стандарди
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими ректорите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот во Тетово и „Мајка Тереза“ – Скопје.
На средбата на којашто присуствуваа ректорката Биљана Ангелова, ректорот Јусуф Зејнели, ректорот Дејан Мираковски, проректорот Јове Талевски и проректорот Беким Фетаји, беа упатени честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова и беа изразени очекувања за успешна соработка.
Соговорниците разменија мислење за тековните реформи во високото образование со цел прилагодување на високообразовните институции на глобалните трендови и достигнување на европските критериуми и стандарди.
Претседателката истакна дека, како личност што доаѓа од академската заедница, ќе го поддржува поттикнувањето на научно-истражувачката дејност, посочувајќи дека високото образование е клучно за просперитетот, развојот и напредокот на државата и подигнувањето на неговиот квалитет мора да биде наш врвен приоритет.
Сиљановска Давкова посочи на потребата државните институции заедно со универзитетите да ги интензивираат напорите за поцелосно искористување на ресурсите од механизмите на ЕУ наменети за високото образование и да се искористи можноста македонските студенти и академски кадар да имаат зголемено ниво на соработка преку проектите на програмата Еразмус+ на Европската Комисија.
Во насока на поттикнувањето на развојот преку науката, дигитализацијата и развојот на човечките капацитети, претседателката ја посочи нејзината подготвеност како професор со долгогодишно искуство во високото образование да помогне во правец на подобрување на квалитетот на образованието за сите млади луѓе, промовирање на културната разновидност, поттикнување на иновациите и подобрување на технолошките вештини кај младите.