Македонија
Османи: По успехот на Преспа, сите очекуваме напредок и во дијалогот Приштина – Белград
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска престојува во работна посета на Република Косово во рамките на која се сретна со косовскиот премиер, Енвер Хоџај.
Двајцата ја потенцираа заложбата на двете земји за европската перспектива на регионот, за што од интерес на двете земји е меѓусебно да се поддржат во процесот на интеграција во ЕУ.
„Денешнава посета на Приштина доаѓа во многу значаен момент, откако го имплементиравме преспанскиот договор во Македонија, а деновиве, можеби уште денеска, очекуваме процедурата да заврши и во Парламентот на Република Грција“ – истакна Османи, посочувајќи дека овој договор, покрај фактот што претставува главна пресвртница за евро-атланските интеграции на Македонија, преставува и промотор на европските вредности во целиот регион, пример за тоа како преку дијалогот, компромисот и позитивниот пристап можат да се затвораат отворените прашања меѓу соседите на Балканот. „Конечната имплементација на договорот од Преспа очекувам да има позитивно влијание и врз дијалогот меѓу Приштина и Белград, како веројатно најважно и во моментов најголемо отворено политичко прашање во регионот, од чија разрешница интерес ќе има целиот регион” – истакна Османи
За време на средбата беа отворени и прашањата за билатералната соработка меѓу Македонија и Косово, особено за најавуваната заедничка владина седница, за која соговорниците заеднички изразија надеж дека ќе се одржи наскоро, односно веднаш по завршувањето на претседателските избори во Македонија, а вицепремиерот Османи накусо го информираше својот соговорник и за стартот на проектот за изградба на автопатот Скопје – Блаце, со што, заедно со автопатот на косовска страна, патот меѓу Скопје и Приштина од сегашните безмалку два часа ќе се скрати на 45 минути.
Во рамки на еднодневната работна посета на Косово вицепремиерот Османи оствари средби и со министерката за европски интеграции, Дурата Хоџа, како и со шефицата на канцеларијата на Европската Унија на Косово и специјална претставничка на ЕУ на Косово, Наталија Апостолова, во рамките на кои беа отворени темите за текот на имплементацијата на проектите за прекугранична соработка, како и за европските перспективи на двете земји, но и на целиот Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Маскиран со „фантомка“ влегол во казино во Лешок, репетирал автоматската пушка и украл 329.780 денари: притвор за 28-годишник
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка.
На 24 април, осомничениот, маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.
На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.