Македонија
Османи: Состојбата во Струга и околината е сериозна, 25 заразени и четворица починати од коронавирусот

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денес во Лабуништа, Струга, заедно со заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, се сретна со директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети, и претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Караџоски, во врска со локалниот кризен штаб за да ги координираме нашите активности и да го спречиме ширењето на болеста, како и за извлекувањето на болните.
„Беше направен увид, констатирано е значајно зголемување на заразените, бројка што достигна 25, како и четири починати, што нѐ алармира дека на регионот му е потребна поголема помош“, изјави Османи и потсети на заклучоците на телото за координација на кризните штабови на општините, за формирање локални штабови на ниво на месни заедници, со особен акцент на руралните средини, каде што одблиску ќе може да се следи состојбата на терен и непосредно да им се помогне на граѓаните.
Османи се осврна и на новите препораки на Владата за зајакнување на мерките на изолација и полициски час за кои изрази уверување дека оваа е најдоброто решение во моментот за да се превенира наглиот раст на епидемијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Криминалот на СДС со нивната омилена компанија Марковски излезе на површина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Она што како партија изминативе години говоревме дека СДС местеше тендери со нивната омилена компанија Марковски, излезе на површина. Финансиската полиција по сомнение за местење на тендер, соодветно постапила и уапсен е Борче Марковски, човекот што ја води компанијата Марковски, кој е осомничен за испумпување на околу 100 милиони денари од Буџетот на државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Инаку, за тоа колку била омилена компанијата Марковски, на СДС и ДУИ, говори фактот што за 2 години, добиле 200 милиони евра од државата.
ВМРО-ДПМНЕ многу пати говореше за сомнежи во работата на Владата на СДС и ДУИ, во однос на компанијата Марковски, но надлежните институции, спиеја на тоа уво.
Полека но сигурно, правдата и одговорноста доаѓа. Никој нема да биде заштитен, без разлика на неговата партиска, политичка, верска или етничка припадност“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Фото) Реализирано првото гаѓање со новата артилериска опрема ,,Боран’’ на АП Криволак

Денеска министерот за одбрана, Владо Мисајловски присуствуваше на армискиот полигон „Криволак“ каде беше извршено првото артилериското гаѓање со новите системи „Боран“, кои се дел од процесот на модернизацијата и опремување на македонската Армија, а беше презентирана и новата набавка на воено-теренска униформа за армиските припадници.
На активноста на која што присуствуваа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал мајор Сашко Лафчиски, амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој и останати високи претставници од Армијата и министерството, министерот Мисајловски истакна дека денешното прво гаѓање и ставање во употреба на овие артилериски орудија значи и зајакнување на борбената готовност на Армијата.
Министерот Мисајловски во рамки на денешната активност дополнително информираше: „набавени се околу 4.000 комплети за воено-теренска униформа, од заедничкиот билатерален договор што го имаме потпишано со Турција, кој преку 2,5 милиони долари директно ќе бидат дадени за Министерството за одбрана, односно директно за Армијата“. Тој уште еднаш упати благодарност за поддршката на сојузничката поддршка од Турција и нагласи дека во тек се и други набавки кои се дел од Договорот за воено-финансиска соработка со Турција.
Хаубиците „Боран 105 мм“ се дел од декларираната батерија на Артилерискиот баталјон која е составен дел од Лесната пешадиска баталјонска група. Набавката на ова средство со кое се исполнува НАТО целта за опрема и муниција за индиректна огнена поддршка, претставува важен чекор во реализацијата на исполнувањето на обврските од пакетот на НАТО цели на способности утврдени во 2021 година и потврдени со новиот пакет за 2025 година.
Македонија
Нова истрага за злоупотреби во РЕК Битола против осум физички и едно правно лице

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола.
Со предистражните дејствија кои по наредба на јавниот обвинител ги преземаше Управата за финансиска полиција во изминатите неколку месеци, се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека петмина осомничени – службени лица во РЕК Битола, односно тогашниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување според член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Сите тие не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера на друг да му прибават корист, а да го оштетат комбинатот, односно спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот „Живојно“ организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола. Притоа, свесно ги повредиле основните начела за економичност, ефикасност и ефективност од Законот за јавни набавки, иако знаеле дека за транспортот на јаглен во рудникот Живојно до местото за дробење и до ПК Брод-Гнеотино, не е предвидена метода со континуирана технологија (роторни багери и транспортни ленти), туку метода на дисконтинуирана технологија (булдожери, багери и камиони).
При дефинирањето на условите за јавната набавка тие ги повредиле начелата на сразмерност и конкурентност и овозможиле на една фирма, односно на осомниченото правно лице, да се јави како единствен понудувач и да склучи договор за јавната набавка, односно да се стекне со противправна имотна корист од големи размери.
Тројца од горенаведените раководители и директори во ПЕ Рудници и уште едно службено лице во РЕК Битола се осомничени и за продолжено кривично дело – Измама во службата, бидејќи при реализацијата на договорот, иако знаеле и биле свесни дека правното лице воопшто не ги извршило договорните обврски, потпишувале записници и извештаи за извршена работа, со кои потврдиле дека во периодот од 26.02.2024 до 17.07.2024 година комплетно е извршена демонтажа, транспорт и монтажа на погонските станици од РЕК Осломеј во РЕК Битола.
Правното лице, сопственикот/управител и уште едно лице вработено во компанијата се осомничени дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконито наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство според член 275в од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола денеска ќе достави предлог за определување мерка притвор за 2 лица, односно за сопственикот на фирмата и за еден раководител од ПЕ Рудници при РЕК Битола. За две раководни службени лица од ПЕ Рудници и за вработениот во компанијата ќе бидат предложени мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и повремено јавување во Судот. Поранешниот директор на РЕК Битола веќе се наоѓа во притвор по друга постапка, а уште едно службено лице од РЕК Битола во друга постапка е веќе обезбедено со мерки на претпазливост кои ги почитува до овој момент.