Македонија
Османи: Формиравме Кризен штаб за извлекување на нашите државјани од Израел и регионот по нападот на Иран
Што знаеме досега:
🔵Наставата е прекината во училиштата низ Израел, а компаниите ќе можат да работат „нормално“ со пристап до засолништа во случај на напад
🔵Бајден разговараше со Нетанјаху во врска со иранскиот напад врз Израел
🔵Борел: ЕУ силно го осудува иранскиот напад врз Израел
🔵Нетанјаху: Пресретнавме, одбивме, заедно ќе победиме
🔵Иран предупреди дека неговиот одговор ќе биде „посилен и порешителен“ доколку Израел возврати по нападот
🔵Јордан и Ирак повторно го отвораат воздушниот простор
🔵Хамас го нарече нападот на Иран „природно право и заслужен одговор“
🔵Г7 попладнево ќе одржи состанок за нападите
🔵Макрон: Нападот на Иран против Израел се заканува да го дестабилизира регионот
🔵Растат тензиите: Иран ги повика британскиот, францускиот и германскиот амбасадор
🔵Меѓународните авиокомпании и иранските аеродроми ги прекинаа летовите
🔵Русија изрази загриженост по иранскиот напад врз Израел
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес конференција, упати најостра осуда за масовниот напад на Иран врз Израел во текот на ноќта, што може да доведе до дополнителна ескалација на состојбите во Блискиот Исток.
“Го осудуваме овој напад како што ги осудивме и претходните, и како што ќе ги осудиме и евентуалните следни одмазднички напади кои се најавуваат. Насилството раѓа насилство, а овој повторувачки круг на одмазда неповратно ја ескалира состојбата во регионот, која многу лесно може да се прошири; повикуваме на итно стопирање на сите насилства, затоа што ако сега не се прекине со насилството од одмазда, состојбата наскоро ќе ја помине точката од која враќање назад – нема.”
Османи се осврна и на многу тешката ситуација на цивилното население во Газа, нагласувајќи дека Израел сноси своја одговорност за страдањата на цивилите, што ние принципиелно го осудуваме.
Воедно, Османи нагласи дека доколку не се спречи натамошната крајно негативна динамика, има потенцијал да се претвори во регионална војна, што директно или индиректно ќе има влијание и надвор од регионот. Воедно, додаде дека заедно со актуелната агресија на Русија во Украина, уште една сериозна регионална воена криза на Блискиот исток, може да има драматични импликации по меѓународниот мир и стабилност.
Исто така, Османи потсети дека Министерството за надворешни работи ги извлече најголемиот број на наши државјани кои се наоѓаа во Израел, со организиран лет во октомври минатата година, а дел останаа согласно своја сопствена одлука. Според податоци со кои располага Министерството, во Израел има најмногу 40-50 наши државјани, меѓу кои и семејствата на нашиот дипломатски персонал во Тел Авив.
“Би сакал да информирам дека прва одлука што ја донесов утринава е одлуката за формирање на кризен штаб, примарно надлежен да организира извлекување на нашите државјани од Израел и пошироко Блискиот исток, доколку се јави потреба за тоа. Извлекувањето ќе зависи од динамиката на состојбите идните часови и денови, како и отворениот аеродром во Тел Авив, кој денес, во утринските часови, повторно е ставен во функција, но работи со ограничен капацитет. Единствената алтернативна рута е копнениот пат преку Јордан” потврди Министерот.
Дополнително, Османи повика Претседателот да свика седница на Советот за безбедност каде би се разгледале можните сценарија од евентуалното ескалирање на состојбата на Блискиот Исток и повторното актуелизирање на балканската мигрантска рута.
Османи потсети дека персоналот на Амбасадата е на безбедно и останува на располагање на нашите државјани.
“Ги повикувам сите државјани на Северна Македонија во Израел да бидат во комуникација со нашата Амбасада во Тел Авив на дежурниот телефон + 972 549 267 378, како и SOS дежурните телефони на Министерството за надворешни работи (+389 75 273 732/ +389 75 268 736), со цел подготовки за евентуална евакуација” истакна Османи.
Во текот на вчерашниот ден, Министерството за надворешни работи упати апел до нашите државјани да избегнуваат патувања кои не се неопходни, во Израел, Иран, Либан и Палестинските територии.
🔴(Видео) Анализа: Иран ја нарекуваат „држава-тврдина“, колку е моќна земјата што го нападна Израел?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.
Македонија
МНР и НТ формира кризен штаб, се повеќе македонски граѓани бараат помош по нападите на Блискиот Исток
Со оглед на влошената безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, вчера во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше формиран кризен штаб, кој е на 24-часовно располагање на граѓаните. Неговата задача е континуирано да ја следи состојбата и да ги координира и систематизира сите постапки поврзани со македонските државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја, а на кои им е потребна помош или асистенција.
„Истовремено, дипломатско-конзуларните претставништва се во постојана комуникација и целосно на располагање на граѓаните. Согласно информациите од Амбасадите на Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и според јавувањата на СОС телефонот во Министерството во Скопје, тековно се зголемува бројот на наши државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја. Со сите пријавени лица се одржува постојан контакт, при што се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на состојбата. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи“, велат од МВР.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546

