Македонија
Државниот пазарен инспекторат ги демантира објавите на Фејсбук од министерот Тошковски
Државниот пазарен инспекторат, ги демантира објавите на Фејсбук страната на техничкиот министер на МВР Панче Тошковски и Фејсбук страната на Министерството за внатрешни работи, каде се вели дека инспектори од Државниот пазарен инспекторат ја злоупотребиле својата службена положба и не постапиле во согласност со Закон за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност.
„Во период од 03- 06 месец 2023 година, од страна на МВР – СВР – Скопје од началникот на Единица за економски и компјутерски криминал, во повеќе наврати беше побарано од Државниот пазарен инспекторат спроведување на координирани акции. Имајќи предвид дека во ваков случај, координатор на акциите е МВР – СВР Скопје, Единица за компјутерски и економски криминал, пазарните инспектори не знаат во кои субјекти ќе вршат надзор се до време на започнување на надзорот кај субјектите. По насоки и во присуство на полициски службеници од Единицата за економски и компјутерски криминал, постапи пазарниот инспекторат во менувачници кои беа одредени од страна на Единицата за економски и компјутерски криминал. При надзорите е констатирано дека дел од субјектите се регистрирани во согласност со Законот за трговски друштва, а дел од нив биле нерегистрирани за што пазарните инспектори изрекле глоби во согласност со важечкиот Закон за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност и го известиле Државниот девизен инспекторат за понатамошно постапување како надлежен врз работењето на менувачниците“, велат од инспекторатот.
Од страна на инспекторите од Државниот пазарен инспекторат е постапено во согласност со своите законски овластувања, непречекорувајќи ги своите надлежности, со што не извршиле злоупотреба на својата службена положба и овластување.
„Изрично укажуваме дека пазарниот инспекторат нема надлежност да одзема парични средства кои се предмет на работење, ниту пак да проверува дали субјектот има лиценца од НБРСМ. Надлежностите за вршење надзор кај резидентити кои вршат менувачко работење има Државниот девизен инспекторат во согласност со Законот за девизна инспекција и Законот за девизно работење, каде е наведено дека девизниот инспекторат има надлежност кај резиденти кои вршат менувачко работење без лиценца од НБРСМ, да врши надзор, да одзема предмети и парични средства, според член 43, 46 и 51 од Законот за девизно работење“, велат од инспекторатот.
Државниот пазарен инспекторат ги повикува сите надлежни институции вклучувајќи го и обвинителството да постапат согласно нивните надлежности и да го решат овој случај до крај“, велат од Пазарната инспекција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

