Македонија
Пак фрчат административни казни за матичните лекари; 15 илјади за грешна шифра иако пациентот го добил лекот што му треба
Казните за кои со поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, и поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Стево Крстевски, беше ставен мораториум, матичните лекари се жалат дека повторно им стигнуваат. Неколкумина матични лекари добиле казна од 15.000 денари за административен, т.е. немедицински прекршок направен пред неколку години.
„Од Велес веќе двајца колеги се пожалија дека ја добиле истата казна за која се договаравме и со поранешниот министер и со поранешниот директор на Фондот дека треба да се поништи и Фондот повеќе да не казнува за такви прекршоци. Се работи за внесена погрешна шифра на некој рецепт, административно, која не ја менува терапијата за пациентот, тој го добива она што специјалистот напишал дека треба да го добие. На толкав обем на работа не е ни чудо да се згреши шифра, матичните не се роботи, но тоа административно може да се исправи. Токму затоа беше ставен мораториум на ваквите казни за кои има и приговори, но еве колегите веќе се жалат дека повторно ги добиваат и тоа за прекршоци направени пред повеќе од две години“, вели Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари на Република Македонија.
На социјалните мрежи матичните лекари споделуваат повици да не се потпишуваат казните, но казнетите лекари велат дека им е преку глава од преписките со Фондот и најавуваат дека ќе ги платат и со душа ќе чекаат да се пензионираат.
Од Фондот за здравствено осигурување најавија одговори на прашањата од „Макфакс“ за казните на матичните лекари во текот на денот.
На сите досегашни протести едно од барањата на матичните беше да се укинат административните казни и да се поедностави начинот на издавање рецепти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Каевски од голтар до милионер, фатен како прави милионски проневери како директор на Агенцијата за млади и спорт, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Каевски од голтар до милионер, фатен како прави милионски проневери како директор на Агенцијата за млади и спорт, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дарко Каевски како директор на Агенцијата за млади и спорт заобиколувајќи ги законските процедури извршил распределба на пари преку така наречените ваучери до клубови и федерации, кои одредена фирма ги реализирала под услов дел од парите да ги добие назад преку даночно ослободување“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, Каевски е фатен на дело, и веќе на сите им е јасно зошто излегувал и ширел лаги и манипулации во јавноста.
„Тоа се кадрите на СДС, како Дарко Каевски, вмешани во криминал и корупција. Време е Македонија да се ослободи од криминалците како Каевски. Време е да ја вратиме Македонија на народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Нестабилно време со пороен дожд, грмежи и ветер
Времето ќе биде променливо облачно, од пладневните часови на повеќе места нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Услови за пороен дожд ќе има во текот на ноќта, соопшти УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 Целзиусови степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно. Од пладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени.
Скопје
Без струја дел од корисниците на Волково и Кучково
Дел од корисниците на Волково и Кучково во Општина Ѓорче Петров од 7 до 16 часот ќе немаат електрична енергија.
Како што информира Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, прекинот на струја е поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа.