Македонија
Пендаровски: Се менуваа влади, поминавме низ воен конфликт, но НАТО остана наша стратешка цел
Обврската на оваа генерација е да го доврши процесот за НАТО, кој е наша стратешка одлука уште пред 27 години, рече претседателот на државата, Стево Пендаровски, во своето обраќање на седницата за ратификација за протоколот за членство во НАТО.
„Се менуваа составите на парламентот, се менуваа влади, поминавме низ воен конфликт, поминавме низ тешка политичка криза, но нашите стратешки ориентации за членство во НАТО и ЕУ останаа наш најважен национален приоритет“, рече Пендаровски.
Тој нагласи дека членството во НАТО немаше да биде возможно доколку не беа решени долгогодишните спорови со соседите, со што се кренале ѕидовите што со години биле пречка за државата.
„Новата политика кон соседите и цврстата заложба за решавање на споровите се темелот на остварувањето на нашите стратешки цели. Компромисите што ги направивме не беа ниту едноставни ниту лесни. Но, факт е дека решавањето на спорот за името со Грција и договорот за добрососедство со Бугарија се клучните одлуки што нè донесоа до целта“, рече Пендаровски.
Тој додаде дека како полноправна членка државата ќе има еднаква одговорност како другите да се справува со сите предизвици и ризици. Спомена дека треба рамо до рамо со другите членки земјата да вложува во реформите во Армијата, при што ќе има задача да издвојува до 2 отсто од буџетот за оваа цел.
Изрази благодарност до сите генерални секретари на НАТО, почнувајќи од Солана во 1999, кога земјата доби статус земја кандидат, до Столтенберг, кои се заложија за полноправно членство во алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

