Македонија
Пендаровски ѝ врати на Софија: Барањето е скандалозно, тоа не го бараат ниту окупатори
За македонскиот претседател Стево Пендаровски, барањето на Софија да учествува во процесот на уставните измени во Македонија и креирањето на амандманите е скандалозно. Тој смета дека такви барања не упатуваат ниту окупатори.
„Барањето од Софија е скандалозно. Такви барања не упатуваат ниту окупаторите кон земјите, териториите или државите што ги окупираат. Во 21 век апсурдно е непримерно да барате да се мешате во внатрешните политички и во уставно-правни процеси на која било држава. И мислам дека во таа смисла нашиот одговор преку МНР вчера беше на место. Во однос на второто прашење, концептот за мнозинства и малцинства во нашата земја во Република Македонија, Северна Македонија, е надминат, таа дебата е надмината и завршена со Рамковниот договор од 2001 година. И во поранешна Југославија никогаш не сме употребувале термин национални малцинства, туку имаше народи и народности. Зошто? За да не навредиме никого што живее тука, а е како бројка помал од мнозинскиот народ. Мислам дека тоа е депласирана дебата и не треба да губиме време за тоа“, посочи Пендаровски.
Претходно, Бугарија рече дека сака да учествува во процесот на промена на Уставот на Македонија. Тоа пред новинарите го коментира министерот за надворешни работи, Николај Милков, пренесува бугарското БНТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Постапката за екстрадиција на Палчо ќе биде спроведена преку МВР, на осомничениот веќе му е определен притвор
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија е известено дека Министерството за правда добило официјална информација од Република Турција дека се одобрува екстрадицијата на лице осомничено за две кривични дела грабнување, како и за две убиства на свиреп начин.
Постапката за екстрадиција ќе биде спроведена преку Министерството за внатрешни работи.
По предлог на Основното јавно обвинителство Скопје на осомничениот веќе му е определена мерка притвор која треба да започне да се применува веднаш по неговото испорачување, се додава во соопштението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Македонија
Дозволена екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо
Министерството за правда преку писмено соопштение информираше дека е добиено официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена.
Претходно министерот за правда Кренар Лога на социјалните мрежи потврди дека е дозволена екстрадиција на Палевски.
„Ве информирам дека денес со официјална информација од Република Турција добивме одобрение за екстрадиција на лицето Љупчо Палевски. Позитивниот исход на постапката произлегува после сите максимално преземени мерки и активности од делокругот на надлежности на Министерството за правда.“
Љупчо Палевски е осомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панчо Жежовски.
Македонија
Битиќи: Патриотски ќе одиме кон повисоки плати и пензии, кон „Едно општество за сите“
„Ова зад мене е Спомен-костурницата, симбол на прогресивното и мултикултурно Куманово, темелот на АСНОМ-ска Македонија. Градот кој во 2015 година го потресе трагедија која беше одраз на еден режим кој сакаше да ја скрши Македонија. Сеќавањата сè уште остро нè потсетуваат и опоменуваат на тие мрачни времиња кога ВМРО-ДПМНЕ ја држеше заробена државата во мрак исполнет со стравови“, вели во видео обраќање од Куманово, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Тој нагласува дека СДСМ седум години градеше општество на соживот, меѓусебно разбирање и почитување на различностите, притоа предупредувајќи дека „наследниците на режимот бараат повторно да се издигнат од пепелта, нивната шовинистичка политика повторно надвиснува над Македонија“.
Битиќи предупредува дека со ВМРО-ДПМНЕ и неговиот национализам постои опасност државата да се врати во периодот кога имаше поделби на етничка и религиозна основа.
„Со ВМРО-ДПМНЕ и нивниот национализам може само да се вратиме во времето кога вештачки се обидуваа да креираат поделби и раздори на етничка и религиозна основа. На овие парламентарни избори, секој глас за нив, е глас за времињата налик на тие од 11 години режим. Но наспроти нив, стоиме ние, СДСМ и Коалицијата за европска Македонија, со кои, патриотски, а не националистички, ќе одиме кон повисоки плати, повисоки пензии и пред сè, кон Едно општество за сите“, вели Битиќи.