Македонија
Петгодишната Јана соодветно била третирана, според комисијата на Министерството за здравство

Комисијата за стручен надзор за случајот со лекувањето на петгодишната Јана во Клиничка болница во Битола констатира дека според анамнезата, клиничкиот преглед и работната дијагноза преземени се соодветни чекори во однос на анализи, третман и опсервација на пациентката.
„Од анамнезата има податок за прележан Ковид-19 пред шест месеци. По направените лабораториски анализи, наодите укажувале на мускулно-воспалителна реакција со покачени вредности на креатин киназа и креатин киназа MB во рамките на вирусен инфект, кој го зафатил и срцевиот мускул, со покачена вредност на срцевиот ензим тропонин“, се вели во извештајот.
По влошување на состојбата, заклучок на комисијата е дека се преземени потребните чекори во согласност со медицината базирана на докази и клиничката слика на пациентката. Комплетниот извештај од комисијата за стручен надзор ќе биде проследен до Јавното обвинителство.
Петгодишното девојче почина на 22 март по примена инфузија во болницата во Битола. Девојчето било донесено со температура и дехидрирано поради повраќање, па докторите му дале инфузија на детето по што му се влошила состојбата. Родителите ги обвинуваат лекарите за грешка при лекувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Остро го осудуваме вооружениот напад врз нашиот кандидат во Куманово

Загрижени сме од вооружениот напад врз нашиот кандидат и носител на листата во Општина Липково, кој беше застрелан од маскирани лица и ранет. За среќа, неговиот живот е надвор од опасност и тој ја добива потребната медицинска нега, велат од ДУИ по денешното пукање што се случи во Куманово во кое беше повредено едно лице.
„Остро го осудуваме овој варварски чин на насилство и бараме од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш да реагираат – со целосна транспарентност и решителност – за да ги идентификуваат, уапсат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овој атентат“, велат од партијата.
Од ДУИ упатија апел до нивните поддржувачи, симпатизери и граѓани воопшто да останат смирени, да не подлегнуваат на провокации.
„Во знак на солидарност со повредениот и за да ја нагласиме сериозноста на настанот, нашата партија одлучи да ги прекине сите денешни активности, a институциите да преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот“, соопштија од партијата.
По пукањето пристигна и реакција на коалицијата ВЛЕН.
„Изразуваме длабоко жалење за настанот што се случи во Куманово, при што е повреден д-р Зекрија Шаини. Како коалиција, најостро ја осудуваме секоја форма на насилство и упатуваме апел за смиреност, воздржаност и почитување на надлежните институции кои треба целосно да го расветлат случајот. Насилството нема место во нашето општество, а ниту една околност не може да биде оправдување за дела што го загрозуваат животот и безбедноста на граѓаните. Апелираме до истражните органи што побрзо да ги откријат мотивите и сторителите на овој чин, и повикуваме ваквите случаи да не се злоупотребуваат за политички цели“, велат од ВЛЕН.
Македонија
Националните паркови „Шар Планина“ и „Пелистер“ добија 22,6 милиони денари од државата

Владата на денешната седница ја усвои одлуката за доделување финансиски средства на двата национални парка „Шар Планина“ и „Пелистер“, кои со години се соочуваат со финансиски предизвици, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Целта на доделувањето на средствата е зајакнување на институционалните капацитети и одржлив развој на овие заштитени подрачја.
Врз основа на доставените барања од двете јавни претпријатија, Владата одлучи со ребалансот на Буџетот за 2025 година да додели 10 милиони денари за ЈП „Шар Планина“, и 12,6 милиони денари за ЈП „Пелистер“, во форма на капитални субвенции за јавни претпријатија.
„Овие средства ќе бидат искористени за поддршка на обврските кон вработените и изведувачите на овие паркови, набавка на современа опрема за краткорочна прогноза и мониторинг на ризици од шумски пожари и поплави, како и за имплементација на иновативни техники за заштита и подготвеност на граѓаните во рамки на проектот PREVENT од програмата IPA 2“, соопштија од Министерството.
Македонија
Нема индиции на политички мотиви зад оружениот инцидент во Куманово

Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент во Куманово, соопштија од Јавното обвинителсто.
„Во однос на настанот на настанот во Куманово, двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Куманово излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е повредено едно лице, а по напаѓачот се трага. Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат“, се наведува во соопштението.
Во престрелката што се случи попладнево повреден е 43-годишник З. Ш. од Слупчане, Липково. Мажот бил застрелан од лица во движење кои пукале кон возилото кое го управувал.