Македонија
Петличковски: Зголемен бројот на заразени ученици од коронавирус
Бројот на школски деца заразени од коронавирус изминатата недела бележи зголемување, но сегашната препорака за настава со физичко присуство останува. Претседателот на Комсијата за заразни болести, Александар Петличковски, смета дека нема простор за загриженост. На денешниот состанок, анализирајќи ја епидемиолошката состојба од изминатата недела, утврдиле дека има подобрување во однос на претходната недела.
„Анализирајќи ја состојбата според индикаторите, како број на нови позитивни новооткриени случаи, процент на позитивни тестови од сите направени, како и број на вкупни случаи активни во државата, се забележува намалување, што значи и подобрување на епидемиолошката состојба, но тоа не ни дава право да кажеме дека е добра епидемиолошката состојба. За тоа особено не потсетува возрасната група од 6 до 14 години, каде што забележуваме зголемување на бројот на нови случаи. Тоа се школските деца, кои ја тераат наставата во најголем дел со физичко присуство. Во моментот сѐ уште нема простор за загриженост. Се следи состојбата и ние апелираме како Комисија дословно да се следат протоколите за одржување на наставата со физичко присуство“, рече претседателот Петличковски.
Тој апелира до учениците и до родителите да соработуваат и да го прифаќаат тестирањето од најавениот скрининг за училишни деца. Со тестирањето ќе бидат опфатени 1.800-2.000 деца од целата држава, а се планира да почне следната недела. Целиот процес Комисијата очекува да заврши за една недела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.
Македонија
Таен ринг за борби со кучиња разоткриен во битолско, заработувале од мачење животни
Грчки државјанин сопственик на куче, пит бул, косовски државјанин сопственик на куче од расата американски стафорд, како и двајца македонски државјани како соизвршители ќе одговараат на кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Битола ги прибра сите потребни докази и поднесе обвинение, бидејќи на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, тие заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата пит бул, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани.
Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.
Македонија
Домашни производи и специјалитети од сите региони на Македонија денес може да се пробаат во Градски парк
Уникатна можност да се вкусат домашни производи и специјалитети од сите региони на Македонија, претставува Саемот за храна што ќе се одржи денеска во Градскиот парк во Скопје.
Под мотото „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, Саемот ќе ги промовира производите „Македонско најдобро“ кои, како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), претставуваат синоним за квалитет.
-Саемот за храна ќе понуди богат избор на свежо овошје и зеленчук, млечни производи, мед, преработки од овошје и зеленчук и вино, подготвени со внимание и љубов кон традицијата. Ве поканувам да дојдете, секоја ваша поддршка е инвестиција во домашното производство, локалната економија и развојот на руралниот туризам. Заедно да ја негуваме традицијата и да градиме поуспешна иднина за македонското земјоделство, апелира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски кој се очекува да се обрати пред присутните учесници и посетители.
Настанот ќе биде збогатен со репертоар на познати музички изведувачи.
Саемот за храна го организира здружението „Наша традиција, наша иднина“ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

