Македонија
Амбасадорот на Латвија пријавил дека Јовановски барал „Рекет“
Бизнисменот Зоранчо Митревски, кој е сведок во „Рекет“, а се претстави како почесен конзул на Латвија, рече дека бил зачуден кога во медиумите слушнал оти е осомничен во случај на СЈО.
Митревски рече дека за непосредното барање пари од него нерезидентниот амбасадор на Латвија го известил Министерството за надворешни работи.
„Побарав во СЈО да пријдам, да прашам за да не трпам повеќе штета. Компаниите секогаш се врзуваат со газдите. Бев зачуден кога се споменуваше цело име и презиме во медиумите. Нарушувањето на честа и угледот не се надоместува. Кога СЈО не ме удостои да ме прими за да дадам документи и да престане голготата, почна кокетирањето со мене, добронамерни посредници, па ми кажуваа дека не е страшно. Сето тоа го елиминирав, решив да одиме со законска процедура“, рече бизнисменот Митревски.
„Ние стискавме палци дека СЈО ќе донесе правда во Македонија, а за мене се претвори во кошмар. Во ноември мислам дека ми пристапи адвокатот Сашко Бошков и ми кажа што му кажал Бојан Јовановски, кој не беше опасност за мене, но сфатив дека приказната е многу поголема и сериозно се исплашив“, рече Митревски додавајќи дека го пријавил непосредното барање пари од него.
За барањето пари, Митревски го известил непосредниот амбасадор на Латвија во Македонија.
„Кога му кажав што се случило, беше непријатно. Амбасадорот го известил министерот за надворешни работи по што замина од државата. Од Министерството се обидоа да стапат во контакт на непосреден начин, а јас одлучив дека нема потреба да разговарам со нив бидејќи контактот е непосреден“, рече Митревски.
Митревски потенцира дека не размислувал да ги даде тие 2 милиона, кои, како што рече неговиот адвокат Бошков, му биле барани од Бојан Јовановски за да запрат истрагите што ги водело СЈО против него.
Додека бизнисменот Зоранчо Митревски сведочеше, обвинетиот Бојан Јовановски му се смееше. Бизнисменот потенцира дека Катица Јанева му влијаела на Бојан Јовановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

