Македонија
Претрес на автомобилот на oбезбедувањето на Мијалков, запленети „ајфони“ и документи
По повеќе од три часа на распит, полицијата направи и претрес во возилото „пасат“, кое неофицијално припаѓа на обезбедувањето на Сашо Мијалков.
Полициски службеници од Полициската станица Кисела Вода целосно го проверија возилото на обезбедувачите.
Од возилото се запленети телефони „aјфон“, актовки со документи, торби, кои се внесени во станицата. Не е познато кому му припаѓаат овие предмети.
Лицата што го обезбедуваа Мијалков се на распит бидејќи нивниот шеф избега и по него е распишана потерница. Освен обезбедувањето, во станицата се и неговата сопруга Александра Мијалкова, како и син му Јордан Мијалков. Непознато е што се случува во станицата и дали полицајците извлекле информации за локацијата на Сашо Мијалков. Распитот засега му е завршен само на Влатко Мијалков, брат на избеганиот Сашо.
За Мијалков е распишана и меѓународна потерница поради сомневање дека тој не е во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

