Македонија
Претставен новиот план за унапредување на велосипедскиот сообраќај во Скопје
На денешната отворена трибина на тема „Градот Скопје за подобра мобилност“ беше претставен новиот план за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021, кој треба да биде усвоен за два дена на претстојната седница на Советот на Град Скопје. Пред присутните граѓани, експерти од областа на животната средина и сообраќајот и пред претставниците на невладините организации беа претставени и активностите на Град Скопје за зголемување на безбедноста во сообраќајот, подготовката на проектот за рехабилитација на централното градско подрачје и зголемување на пешачката зона и проектите за заштита на пешаците со дополнително осветление на пешачките премини и поставување копчиња на семафорите.
„Во текот на минатата година изградивме и реконструиравме рекордни 14,6 километри велосипедски патеки во вредност од 56,5 милиони денари. Оваа година градиме и реконструираме велосипедски патеки во должина од над 16 километри. Изградивме и реконструиравме велосипедски патеки и велосипедски ленти на улиците Московска, 4 Јули и Даме Груев, како и на булеварите Србија и Киро Глигоров. По реконструкцијата што е во тек, ќе бидат изградени велосипедски и пешачки патеки и на улицата Благоја Стефковски. На булеварот АСНОМ, кој го прошируваме во првата фаза, а потоа со мост преку Вардар ќе ги поврзува Аеродром, Центар и Гази Баба, исто така е предвидено да има велосипедски и пешачки патеки од двете страни на коловозот. Булеварот Христијан Тодоровски -Карпош, кој е во изградба, исто ќе добие велосипедски и пешачки патеки. Поврзувањето на северната и јужната страна на градот со велосипедски патеки е можеби најголемиот предизвик што го имаме, а кој очекувам да го надминеме. Со гордост може да најавам дека за две години од сега Скопје ќе биде велоград со развиена велосипедска мрежа што ќе ги поврзува сите населби во градот“, рече градоначалникот Шилегов.
Развивањето на велосипедската мрежа е основен предуслов за унапредување на велосипедизмот како одржлива алтернатива на автомобилскиот транспорт. Со тоа Град Скопје се бори и против сообраќајниот метеж предизвикан од прекумерната употреба на автомобилите и против аерозагадувањето, кое во еден дел е предизвикано и од употребата на нееколошки горива за автомобилите.
„Годинава доделивме 12 милиони денари субвенции за набавка на велосипеди, со што стимулиравме над 4.000 граѓани да набават велосипеди. Доделивме субвенции и за набавка на електрични тротинети, кои се исклучително популарни и сè почесто може да се видат на велосипедските патеки. Засадуваме дрвореди, живи огради и ниско зеленило за пешачењето да биде попријатно. Водиме отворена војна со непрописното паркирање на тротоарите и на велосипедските патеки. За таа цел, со поставување заштитни столпчиња ослободивме пешачки и велосипедски површини во должина од над шест километри. Не знам дали се сеќавате дека до неодамна пред Министерството за правда немаше каде да се стапне од паркирани возила? Ги памтите ли Бит-пазар и улицата Максим Горки со паркирани возила на тротоарите и на велосипедските патеки? Во моментот го ослободуваме делот кај поранешна „Мисла“ за слободно движење на пешаците и велосипедистите. Сите овие состојби, кои до неодамна беа дел од нашето секојдневие, сега се минато“, нагласи Шилегов.
Тој додаде дека на терен интензивно работи пајак-службата на ЈП „Градски паркинг“, а значително е зголемен и бројот на казни за непрописно паркирање.
Град Скопје деветти пат им се придружува на градовите што ја одбележуваат Европската недела на мобилноста со богата агенда исполнета со квалитетни содржини за промоција на пешачењето, велосипедизмот и користењето јавен превоз како одржливи форми на урбана мобилност. Оваа година тема на Европската недела на мобилноста е „Пешачи со нас – Сигурно пешачење и возење велосипед“ и во нејзиното одбележување ќе се вклучат 2.784 града од 48 држави од Европа и светот. Годинешната кампања има цел да ги поттикне граѓаните да ги сменат навиките и почесто да користат активни начини на движење или да го комбинираат пешачењето и возењето велосипед со јавниот транспорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.

