Македонија
Притвор за битолчанецот што им се закануваше на Јовески и Русковска, предлага Обвинителството
Основното јавно обвинителство Прилеп донесе наредба за спроведување истражна постапка против 56-годишен битолчанец, осомничен за кривично дело загрозување лица под меѓународна заштита и загрозување на сигурноста.
На 11.12.2021 година, во рачно напишано писмо на англиски јазик, осомничениот се заканил дека ќе го убие Габриел Ескобар, помошник-секретар во Стејт департментот на САД за надзор на политиката во државите на Западен Балкан, како и други американски дипломати. Писмото го адресирал до Амбасадата на САД во Скопје и истиот ден го испратил по редовна пошта преку АД „Пошта на Северна Македонија“ – подружница ЦРПС Прилеп.
Истиот осомничен, во периодот од 20.12.2021 до 22.12.2021 година, во два наврата, преку рачно напишани писма на англиски јазик, упатил сериозна закана дека ќе нападне врз животот и телото на службено лице во вршењето на службата и ја загрозил сигурноста на оштетената Вилма Русковска, основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Двете писма ги испратил по редовна пошта преку АД „Пошта на Северна Македонија“ – подружница ЦРПС Прилеп, при што првото го адресирал до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, а второто до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
На 17.1.2022 година осомничениот упатил сериозна закана дека ќе нападне врз животот и телото на службено лице во вршењето на службата и ја загрозил сигурноста на оштетениот Љубомир Јовески, јавен обвинител на Република Северна Македонија. Во писмо адресирано лично до оштетениот во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и испратено преку редовна пошта во АД „Пошта на Северна Македонија“ – подружница ЦРПС Битола, осомничениот упатил директни закани за животот.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп до судијата на претходна постапка во Основниот суд во Прилеп достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот за кого постои опасност да се даде во бегство и можност да го повтори делото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ врши дневни притисоци врз работниците
Власта на Христијан Мицкоски продолжи каде што застана Груевски, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на работилница на Форумот на жени на СДСМ.
-Нашите граѓани секој ден по различни фокус групи сфаќаат што губат со власта на ВМРО-ДПМНЕ. Гледаме како кога на власт ќе дојде еден авторитарен режим кој што не се грижи за ништо друго, освен за своите сопствени, тесни, теснопартиски интереси, се друго паѓа во втор план. Како беа гласни работниците за своите права, за своите плати, а каков притисок сега им прават на дневно ниво, на дневна основа. Што прават докторите сега? Ние во првите години за 40% платите им ги покачивме. Сега тоа го нема, молчат. Што прават наставниците? Се плашат. Веќе и малите деца го знаат, ова е една ненародна власт. Нема друга дефиниција. Продолжија таму кај што се застана на ниво на Груевски. Ништо друго., рече Филипче.
Претседателот Филипче додаде дека единствена алтернатива која може да и се спротивстави на оваа ненародна власт е Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Македонија
Левица: Потребни се субвенционирани квалитетни контрацептивни средства за жртвите на семејно насилство
Антифашистичкиот фронт на жените при Левица (АФЖ) сподели сведоштво од жена која, поради семејно и сексуално насилство, била принудена да користи евтина контрацептивна спирала, што довело до сериозни здравствени компликации и итна операција. Таа порачува дека многу жени-жртви немаат финансиски можности за поквалитетни медицински средства и апелира државата да ги субвенционира.
Жртвата нагласува дека поддршка добила главно од организации и од АФЖ – Левица, како и од пратеничката Јована Мојсоска, но не и од институциите.
Од АФЖ велат дека целосно застануваат зад иницијативата државата да обезбеди пристап до безбедни и квалитетни контрацептивни средства за жените-жртви, како дел од пошироката борба за нивните права.
Кампањата на АФЖ за 16-те дена активизам се одвива под слоганот: „Не трпи! Не молчи! Едуцирај се, охрабри се! Делувај!“
Организацијата вели дека работи на подигање на свеста, споделување сведоштва и онлајн едукација поврзана со Истанбулската конвенција.
АФЖ потсетува дека насилството врз жените во земјава расте и дека е неопходна институционална реакција. Од таму упатуваат апел: „Стоп за насилството!“
Македонија
Филипче: СДСМ напорно работеше за потребите на жените, со оваа власт сè паѓа во вода
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на работилница организирана од Форумот на жени на СДСМ во рамките на кампањата „16 дена активизам за борба против насилството врз жените и девојчињата“-„Гласни за живот без страв“, истакна дека СДСМ е партијата која системски ја постави борбата против родово базираното насилство како државен приоритет. Тој нагласи дека преку воспоставување закони, институционални реформи и услуги за заштита на жените и девојките, СДСМ создаде основи за долгорочни и одржливи политики за заштита на жените од насилство.
„Тоа што се направи во изминатиот период треба да продолжиме да го промовираме и преку сите инструменти кои што ни се на располагање, тој систем да го надградуваме. Ние сме и потписници на Истанбулската Конвенција, која е важен меѓународен документ за спречување и заштита од насилство врз жените“, рече Филипче.
Говорејќи за превенцијата како клучна во борбата против насилство врз жените, Филипче истакна дека животот на секоја жена мора да биде заштитен, а институциите да функционираат за граѓаните. Тој потсети на бројните мерки преземени во системот за заштита во периодот на владата на СДСМ, за разлика од сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

„Отворивме многу центри за рана детекција. Имаше центри за детекција во кои што мулти-дисциплинарно работеа социјален работник, психолог, гинеколог. Меѓутоа гледаме како е кога на власт ќе дојде еден авторитарен режим кој што не се грижи за ништо друго, освен за своите сопствени, тесни, теснопартиски интереси, а се друго паѓа во втор план“, рече Филипче.
Во своето обраќање Филипче потсети дека СДСМ е партијата што прва воведе квоти и мерки за вистинска застапеност на жените, обезбедувајќи простор за женско лидерство на сите нивоа.

„Напорно работевме да го промовираме женското лидерство и во тоа успеавме. Донесовме листи во кои што точно се знаеше колкав ќе биде процентот на жени, колкав ќе биде процентот на млади“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

