Македонија
СДСМ: Со членство во ЕУ стануваме дел од економската суперсила, ДПМНЕ тоа сака да го блокира
Според СДСМ, со членството во ЕУ нашата земја ќе стане дел од трговската суперсила, која сочинува 16 отсто од светската економија и тргување и создава извоз од 2,18 трилиони евра.
Европската Унија, како што оценуваат од таму, има единствен пазар од 500 милиони луѓе, што обезбедува континуиран раст на целиот сојуз, нешто што секоја земја членка поединечно нема никогаш да може да го постигне.
„Според проценките БДП на ЕУ во целина е поголем за девет проценти токму како резултат на целосната интеграција на пазарот. Тоа преведено во реални пари за граѓаните значи приближно 850 евра дополнителен годишен приход по глава на жител.
Позитивниот ефект од ЕУ е јасен и докажан, кај сите држави што се приклучиле во унијата, кои обезбедиле и многу повисок стандард и побогат живот за граѓаните.
Во изминатите 30 години поддршката на ЕУ за нашата држава се проценува на над 3,3 милијарди евра преку грантови и макрофинансиска поддршка, што се гледа во зголемените инвестиции, во зголемените плати, намалената невработеност, зголемената вработеност. Со членството, пристапот до ЕУ фондовите повеќекратно се зголемува“, истакнуваат од партијата на власт.
Додаваат дека влезот во ЕУ дополнително ќе ги зајакне позициите за домашните компании, ќе отвори нови трговски перспективи со што се обезбедуваат одржливи стапки на раст на БДП, што пак во крајна линија ќе значи повеќе пари кај граѓаните и подобар животен стандард
Позитивните трендови, соопштуваат од владејачката партија, од 2016 година наваму, со историски намален број на невработени за речиси 52%, странски директни иневстиции зголемени 2,5 пати, просечна пензија зголемена за 40%, историски највисока просечна плата која а во 2023 година, изнесува 36.527 денари, ќе продолжат, а единствениот начин да се направи тоа е продолжувањето на европрскиот пат.
„Христијан Мицкоски и ДПМНЕ сакаат тоа да го блокираат.
Работат против волјата на 80 отсто од граѓаните, кои се за членство во унијата.
Блокадите на ДПМНЕ мораат да бидат поразени“, се подвлекува во соопштението од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Палевски ќе биде екстрадиран во најкраток можен рок, кажа Тошковски
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кажа дека добил информација од Секторот за меѓународна полициска соработка дека е одобрена екстрадицијата за Љупчо Палевски Палчо, со тоа што македонските полициски службеници се во комуникација со турските колеги.
„Се очекува во наредниот период да утврдат се што е потребно од аспект на оперативни активности, за во најкраток можен рок предметното лице кое што е под прогон од страна Обвинителството во Македонија да биде изнесено пред лицето на правдата и пред судот“, рече Тошковски.
Министерот кажа дека нема конкретен рок, но дека тоа ќе биде сторено во најкратко време.
„Очекуваме дека ќе биде за брзо“, додаде Тошковски.
Македонија
(Видео) Пендаровски: Бројот еден е гаранција дека државата ќе продолжи по правилниот курс кон ЕУ
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска беше помеѓу граѓаните на општина Арачиново.
Пред присутните, Пендаровски порача дека во досегашниот мандат покажал дека е претседател кој не ги дели граѓаните по ниту една основа и дека така ќе продолжи и во следниот мандат.
„Никогаш не сум бил и не се кандидирам за претседател само на Македонците. Ќе бидам претседател на сите, како што бев глас на секој без оглед на етничка и каква било припадност. Промовирањето и претставувањето на сите граѓани на Македонија ќе биде приоритет и во наредните пет години“ порача Пендаровски.
Пендаровски посочи дека очекува голема поддршка на осми мај за државата да продолжи напред, како демократска, мултиетничка, прогресивна држава на рамноправни граѓани.
„Само бројот еден е гаранција дека Македонија ќе продолжи по правилниот курс кон ЕУ, се друго е продавање на политичка магла и обиди за враќање во времињата на тензии, поделби и неизвесност. Македонија нема друга опција освен продолжување на преговорите за членство во ЕУ додека да станеме дел од големото европско семејство. На 8 мај сите заедно да гласаме за европска Македонија, тоа се гарантира само со заокружување на бројот 1“, посочи Пендаровски.
Македонија
(Видео) Спасовски: Силен СДСМ е потребен за европска иднина, не сакаме враќање на режимот
Носителот на листа на кандидати за пратеници од ИЕ2, предводена од СДСМ и коалицијата, Оливер Спасовски, даде изјава за медиумите во Ѓорче Петров, со повик до граѓаните за масовна излезност на 8 мај за бројот 1.
„Ве повикувам – Излезете на 8 мај, силен СДСМ во Собранието е потребен заради иднината на државата! Да не дозволиме враќање на режимот! Десничарската партија ВМРО ДПМНЕ е истата таа на Груевски, а знаеме сите што значи преголема моќ во нивни раце – крај на ЕУ перспективи, крај на поголеми плати и пензии, крај на можности за младите и крај на соживот и меѓуетничка кохезија“, рече Спасовски.
Притоа, тој истакна дека граѓаните не сакаат враќање на режимот.
„Доволно беше чекањето за Европа и никој не сака враќање назад по патот кон нестабилност и изолација. ДПМНЕ ќе ја одложуваат евроинтеграцијата во недоглед, сега зборуваат за рокови. Истото тоа го правеше и Груевски, тие само ќе продолжат кај што застана тој. Ќе го вратат национализмот, насилството, апсењето новинари и тепањето студенти, прислушувањата и грабежот на народни пари. За тоа да немате дилема!“, рече Спасовски, повикувајќи ги граѓаните да гласаат за СДСМ и коалицијата.
„Сите сме исправени пред голем предизвик, секој еден член и активист на СДСМ, секој граѓанин, Македонци, Албанци, Роми, Срби, Влади, Бошњаци, Турци и сите други – имаме обврска, заради аманетот од предците борците од НОБ и АСНОМ кои ја изградиле Македонија, и уште поважно, заради генерациите кои доаѓаат, да им оставиме европска држава, европски живот дома!
Затоа е важно на 8 мај сите да излеземе и да го поддржиме СДСМ, затоа што ДПМНЕ ќе го донесе повторно режимот кој долго време се трудевме да го срушиме. СДСМ е единствената партија која ја движи државата напред, кон прогрес, интересот на граѓаните и развојот на државата – секогаш пред сѐ и над сѐ.
Мора да сме силни и единствени СДСМ, заради иднината на државата. Да ги зачуваме слободата и напредокот на државата! Нема да се откажеме – Сите масовно на 8 мај гласаме за број 1!“, рече Спасовски.