Македонија
СЕММ и ЗНМ бараат внимателност при известувањето за самоубиства
Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинарите (ЗНМ), по повод известувањето на медиумите во врска со случаите на самоубиство ги повикаа новинарите на почитување на етичките стандарди и норми и воздржување од сензационалистичко информирање.
„Потсетуваме на член 7 од Кодексот на новинарите, според кој ‘новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост’. Воедно, потсетуваме и на обврската на медиумите содржана во член 8 од Кодексот, според која „начинот на информирање во случаи на несреќи мора да биде ослободен од сензационализми“.
Оттаму додаваат дека овие членови од Кодексот јасно упатуваат на обврската на новинарите да известуваат за случаите на самоубиства само доколку станува збор за поширок јавен интерес или, пак, кога станува збор за јавни личности, со цел објективно да се информира јавноста и да се избегнат можните шпекулации. Но и во тие случаи, како што велат, новинарите имаат одговорност да известуваат урамнотежено, со сигурни докази потврдени од релевантни извори и секогаш почитувајќи ги личната болка и жалост на најблиските.
Освен тоа, предупредуваат од СЕММ и СНМ, дека е потребна особена внимателност во известувањето за случаи на самоубиства, со оглед на можноста од повторување на таквиот чин од ранливите категории граѓани, на што упатува и Светската здравствена организација.
Исто така, според СЕММ и ЗНМ, медиумите имаат голема улога во тоа да се разберат факторите што придонесуваат за овој проблем, како и да се едуцира јавноста, а особено оние кои се соочуваат со ризик од таков тип однесување со цел да побараат соодветна помош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Конститутивната седница на Собранието ќе се одржи на 28 мај во 11 часот
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, врз основа на член 9 став (2) од Деловникот на Собранието, денеска одржа состанок со претставници на политичките партии застапени во новоизбраното Собрание, на кој консензуално беше одлучено конститутивната седница, по одржувањето на единаесеттите парламентарни избори, да се одржи на 28 мај 2024 година, вторник, во 11 часот.
Во согласност со Деловникот, со конститутивната седница до изборот на новиот претседател треба да претседава највозрасниот по години пратеник. Во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџику.
Претседателот Митрески ги информираше присутните дека дневниот ред на конститутивната седница, според Деловникот, ќе има три точки односно избор на Верификациона комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.
Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседателот на Собранието.
На денешниот состанок, присуствуваа Никола Мицески од Коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ; Оливер Спасовски од Коалицијата за европска иднина – СДСМ; Арбер Адеми од Коалицијата „Европски фронт“; Халил Снопче од Коалицијата „Влен“; Борислав Крмов од партијата Левица и Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
На состанокот присуствуваше и Мерита Колчи Коџаџику, како највозрасна пратеничка, како и генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова.
Скопје
Ѓорѓиевски на излет на Пеленица со децата со церебрална парализа
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес на излет во Пеленица се дружеше со децата со церебрална парализа. Како што истакна, овие излети станаа традиција која со радост ја продолжуваат веќе неколку години и секој пат одново потсетуваат на важноста заедничките заложби за создавање на подобро општество за сите.
„На мое големо задoволство, денеска повторно се дружев со децата со церебрална парализа, на нашиот, веќе традиционален излет во Пеленица. Овие дружби се значајни за сите нас, бидејќи се прекрасна можност за сите нас да се поврземе, да се поддржиме и да создадеме моменти на радост и заедништво. Како човек и како градоначалник на Општина Кисела Вода, секогаш се залагам за подигнување на јавната свест за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат лицата со церебрална парализа. Мојата заложба е да работиме сите заедно кон подобрување на нивните права и можности за што понезависен, посамостоен и целосно интегриран живот во нашето општество. Една од моите бројни активности во оваа сфера е отворањето на клубот за лицата со церебрална парализа во Расадник, кој го финансирам лично заедно со лицата од мојот кабинет. Овој клуб е место каде децата се дружат и социјализираат, каде создаваат нови пријателства и уживаат во различни активности. Често сум гостин во клубот и можам да видам колку е значајно за нив да имаат вакво место каде се чувствуваат прифатено и поддржано. Лицата со церебрална парализа не смеат да бидат маргинализирани. Тие се дел од нашата заедница и заслужуваат поддршка и разбирање. Со ваквите дружења и настани, се надевам дека им го разубавуваме секојдневието и им покажуваме дека не се сами во своите предизвици“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Аудиенција на претседателката Сиљановска Давкова кај Поглаварот на Римокатоличката црква Папата Франциск
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки на посетата на Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, денеска во Апостолската палата имаше аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост Папата Франциск.
Претседателката Сиљановска Давкова се заблагодари за упатените честитки од Папата Франциск по повод нејзиниот избор за Претседател и истакна дека ѝ претставува особена чест во годината кога се одбележува 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете држави, да ја предводи државно-црковната делегација на овој значаен настан.
Таа истакна дека историската посета на Папата Франциск на нашата земја остави силна трага во билатералните односи и го потврди високиот степен на доверба и пријателство меѓу двете држави.
Претседателката изрази уверување дека за време на нејзиниот мандат нашата држава уште поинтензивно ќе се залага за продлабочување на севкупните односи со Светиот Престол, со цел јакнење на партнерството и негување на меѓусебното почитување базирано на заедничките историски, културни и верски традиции.
Претседателката Сиљановска Давкова и Папата Франциск ги разгледаа можностите за унапредување на институционалната соработка во областа на образованието, науката и културата и разменија мислење за тековните предизвици со кои се соочува католичката заедница во нашата држава.
Посочувајќи дека во нашата земја постои традицијата на почит кон различностите и висока свест за позитивната улога на религијата во развојот на општеството, претседателката го потенцираше значењето и придонесот на католичката црква и ја изрази нејзината подготвеност за продолжување на соработката со католичката заедница.
На средбата беа традиционално разменети подароци, при што, претседателката Сиљановска Давкова на Папата Франциск му подари голема резбa со мотив од птицата феникс којшто претставува симбол на вечноста.
По аудиенцијата кај Папата Франциск во изјава за медиумите претседателката Сиљановска Давкова истакна дека на долгата средба со Папата најпрво се усогласиле околу актуелните проблеми, околу поддршката на Ватикан на патот кон Европската Унија, поддршката на Ватикан на Западен Балкан. Претседателката во изјавата посочи дека изразила разбирање за склучување на Конкордат со Ватикан, затоа што системски треба да се пристапи кон решавањето на прашањата врзани особено за статусот на католичката црква и христијаните од католичката религија кај нас и рече дека изразила желба да се отвори Нунцијат кај нас бидејќи така ќе може навистина да биде директна соработката. Претседателката Сиљановска Давкова, посочувајќи ја соработката во многу области во сферата на високото образование, библиотекарството, конзервирањето итн., рече дека изразила спремност да продолжи таа соработка.
Претседателката Сиљановска Давкова денеска оствари средба и со државниот секретар на Светиот Престол, монсињор Пјетро Паролин, на којашто беше изразена цврста подготвеност за продолжување на конструктивната соработка во духот на меѓусебното разбирање и заедничките вредности.