Македонија
Се покажа дека со М-НАВ не се раководело добро, а судот треба да ја преиспита одлуката, порача Петровска
Во ниту една институција на државата, особено не во институциите што се дел од критичната инфраструктура во државата, а М-НАВ е институција во која се изведуваат специфични и специјални задачи и таму е потребно внимание и концентрираност во нивните задачи и надлежност, ваков тип на инцидент е недозволив. Таквите појави и однесувања на вработените и реакциите на синдикатите покажаа дека со таа институција недоволно добро се раководело, истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска, одговарајќи на прашањето како ги коментира последните случувања во М-НАВ.
Компромис со работи што се однесуваат на безбедноста на граѓаните, но и на луѓето во целиот свет, не смее да има, порача таа.
Запрашана како ја коментира одлуката на судот, Петровска рече дека лично таа не се сложува со неа.
И мислам дека ќе треба да си ја преиспитаат одлуката, не сакам да влијаам на одлуките од позиција на министер за одбрана, но мислам дека целата оваа ситуација треба посериозно да ја сфатат, ќе имаат дополнително време.
Прашана за реакциите од страна на НАТО, Петровска потврди дека од таму биле поставувани прашања за тоа што се случува, но дека официјална реакција барем до МО, како што рече, засега нема.
„Но, секој вид комуникација ние го сметаме, се разбира, можеби не како загриженост, но заинтересираност за она што се случува и тоа е сосема легитимно. Во тој момент на тој ден на аеродромот во Скопје слетаа два авиона од земји членки на НАТО“, информира Петровска.
Владата, како што рече, го заврши својот дел од задачата, ги разреши директорите за кои сметаше дека недоволно добро управувале со институцијата.
„Сега ги повикуваме, во интерес на граѓаните, и другите институции, да го завршат професионално својот дел од задачата“.
Упати апел до синдикатот на М-НАВ и до сите други синдикати: „Да се трудиме за решавање на проблемите, без притоа да ги политизираме прашањата. Политичките партии и движењата да не влијаат и да не ги злоупотребуваат синдикатите“, порача Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

