Македонија
Силјановска Давкова: До каде стигнавме по 31 година самостојност, стигнавме до идиократија!
„Стигнавме до Софија, наместо до Копенхаген, со повеќе уставни амандмани од години на „независност“, до државичка со енормно моќни биснис политичари и слаби институции, партиска држава, заразена со клиентелизам и корупција, олигархиска држава, киднапирана од неука, примитивна, провинцијална „елита“, со луксузен животен стил, без дигнитет и интегритет, поданичка кон „меѓународната заедница“, арогантна кон граѓаните“ напиша на Фејсбук пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.
Таа вели „стигнавме до нарушено начело на поделба на власта до степен на непрепознавање, до неодговорна влада, влада која не креира политики, туку дистрибуира функции и работни места на подржувачи, го политизира и контролира судството, го крши костурот на државата – администрацијата“.
„Стигнавме до политичари – БОГОВИ, што е погубен модел за младите луѓе, со убиени надежи, визии и соништа дека ќе биде вреднувано доброто образование, диплома и знаење!
Стигнавме до идиократија. Споредете ги првите луѓе на државата со оние од 90—тите и ќе видите дали чекориме напред, или назад!
Ние сме трагична приказна со најсреќна власт!
На 8-ми септември 1991 година, се качивме на транзицискиот брод „Република МАКЕДОНИЈА“ и запловивме кон Брисел низ разбурканиот трет бран на демократијата, што ја заплисна Централна и Источна Европа. Некои држави, по подолго или покусо патување, се закотвија во Брисел, други, уште патуваат, качени на чамци за спасување, или оставени на милост и немилост на бурите! НИЕ, осамени и без Одисеј, се соочивме со невидени сцили и харибди, обидувајќи се да избегаме од Кирка и Полифем и да останеме ОНИЕ ШТО СМЕ БИЛЕ низ вековите“ пишува Силјановска Давкова.
Таа напоменува: „неуката и поданичка (не)македонска посада, со лажен капетан и неспособни офицери, потклекна без отпор и направи невозможни отстапки пред „добрососедските“ и бриселски притисоци. Ненародно ја прекрсти Македонија во „Северна“, заборавајќи дека NOMEN EST OMEN и отвори простор за релативизирање до бришење на историската врска меѓу името, нацијата и идентитетот. Но, 8-ми септември не се заборава. Го помните ли филмот „Побуната на бродот Баунти“? Јас, да, но ние сме качени на „Титаник“!“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.