Македонија
Сиљановска-Давкова: Народот не можете да го излажете
Гордана Сиљановска-Давкова во рамките на кампањата за вториот изборен круг од претседателските избори беше во Вевчани каде што оствари средба со граѓани.
Во своето обраќање од Вевчани, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова порача: „Народот не можете да го излажете! Луѓе кои менуваат ставови секој ден, забораваат не само на своето достоинство, туку на достоинството и гордоста на државата!
Вевчани е гордо! Таа гордост, вие вевчанци, ја пренесувате низ генерациите. И кога се одржува Вевчанскиот карневал, вие умеете преку маските и театарот да докажете дека со микроскопска прецизност ја анализирате и критикувате власта, мислам дека нема човек во Македонија кој не е горд на вас!
Јас предвидов дека на 8 мај ќе има политички вулкан, не зашто сакам вулкани, туку затоа што како професорка можам да предвидам извесни состојби. Таа состојба ја гледам, каде и да одам има реки на народ!
Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста за поддршката.
Наместо да се замислат зошто граѓаните не гласаат за сегашниот претседател, бидејќи сигурно има причина, слушаме изјави дека ќе почнеле од нула. Народот не можете да го излажете, ви дал еднаш шанса.
Не можете да барате уставни измени, за сега да почнете преговори, а велите сте ги отвориле преговорите. Во суштина не сте ги започнале.
Ставот мора да извира од консензусот внатре во државата. Учењето е многу добра работа, можеме да учиме или треба да учиме и од соседите од Грција, Бугарија… Било која власт кога ќе дојде таму, велат дека тие се должни да ја почитуваат Декларацијата на парламентот. Претседателот мора да има конзистентен став, не може еднаш да речете дека не сте ја виделе преговарачката рамка, вторпат да речете дека не ја прифаќате, третпат да речете дека сте учествувале во нејзино креирање. Не смеете да се негирате себеси оти ако застапувате 3 различни става во еден кус период, тогаш вие нема да бидете почитувани. Луѓе кои менуваат ставови секој ден, забораваат не само на своето достоинство, туку на достоинството и гордоста на државата!
Промената на власта е битна за да се спречи гневот. Со Грците имаме проблеми, но имаат еден убав збор се вика „тимос“ – потреба за признание. Кога правите нешто добро и вредно очекувате признание, ако не доаѓа тоа станувате гневни. Гневот се истури на изборите, ама луѓето од власта тоа не можат да го видат.
Во тешка криза ни е судството. Па знаете дека во врска со Академијата за судии и јавни обвинители, јас се одважив среде кампања да покренам постапка пред Државната комисија за спречување на корупција, зашто среде изборен процес ако донесувате одлуки кој ќе заснова работен однос на Академијата има опасност од политичко влијание.
Ветувам дека ќе се однесувам поинаку од овој претседател. Ветувам дека ќе ве направам горди!“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес свечено примопредавање на претседателската функција
Во Кабинетот на претседателот денес ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки државни и воени почести.
По свечената церемонија новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова и досегашниот претседател Стево Пендаровски чијшто мандат истекува денес, предвидено е да остварат тет-а-тет средба.
Државната изборна комисија вчера и’ го издаде уверението за избран претседател на Гордана Силјановска-Давкова. Во текот на денешниот ден таа пред пратениците во Собранието ќе даде свечена изјава.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека од 08.30 часот до 10.30 часот, поради одржување на улична трка, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај и тоа по сообраќајниците по кои ќе се движат натпреварувачите, кои имаат стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански одреди“, десно (кон населба Ѓорче Петров) до мостот Влајко, каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“, каде вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
Сончево време, попладне со зголемена облачност и температура до 26 степени
Времето претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе има зголемена облачност со краткотраен пороен дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје сончево со умерена, а попладне зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени, јавува УХМР.
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, особено во вторник, кога дневните температури ќе опаднат за неколку степени.