Македонија
Австрија со поддршка за Македонија за брз почеток на преговорите со ЕУ
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари видеосредба со претседателот на Националниот совет на Република Австрија, Волфганг Соботка.
Во однос евроинтеграциите, претседателот Соботка истакна дека Република Австрија останува силен подржувач на Република Северна Македонија за што е можно побрзо отворање на преговорите и дека тој свој став цврсто го застапува на сите нивоа во институциите на Европската Унија. Во однос на бугарското вето, претседателот Џафери истакна дека каналите за комуникација остануваат отворени и се надева на надминување на разликите во преговарачкиот процес. Во спротивно, евроскептицизмот ќе расте, заклучи Џафери.
Соботка се заблагодари за телеграмата со сочувство упатена по терористичкиот напад во Виена на 2 ноември оваа година, истовремено изразувајќи сочувство за државјанинот на Република Северна Македонија, кој како жртва настрада во овој ужасен акт. Двајцата соговорници се согласија дека борбата против тероризмот бара вклучување не само на полицијата туку и на целото општество бидејќи тој не познава ниту релиони ниту етнички заедници, а казнените мерки се важни исто колку и механизмите за превенирање и рано идентификување на радикализацијата. Тие ги пофалија активната соработка и ефективната размена на информации меѓу институциите на двете држави во борбата против тероризмот.
Претседателите Џафери и Соботка разменија и мислења во врска со состојбите во двете држави со пандемијата на Ковид-19. Заклучија дека ситуацијата е еднакво тешка, дека притисокот кон здравството е силен, дека влијанието врз економијата е негативно и дека за справување со ширењето на вирусот потребно е координирано дејствување и целосно искористување на сите расположливи човечки и материјално-технички ресурси. За оваа цел, информира Џафери, во Република Северна Македонија е прогласена кризна состојба во траење од 30 дена.
Двајцата претседатели изразија задоволство што и во овие вонредни околности на работење продолжува соработката за формирање работилница за демократија во Собранието на Република Северна Македонија по примерот на онаа што дејствува во рамките на австрискиот парламент, а која има цел да сподели знаење и да го стимулира интересот за политика и за демократски процеси кај младите. Претседателот Соботка изрази желба лично да присуствува на отворањето на работилницата во Собранието на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.