Македонија
(Видео) Собранието го ратификува протоколот за членство во НАТО

Пратениците со аплауз ја поздравија одлуката со која Собранието со 114 гласа „за“ го усвои протоколот за членство на државата во НАТО. Во салата беа присутни 116, при што двајца пратеници не гласаа за одлукаа.
Ратификацијата почнува да важи по објавата во „Службен весник“ откога шпанскиот парламент ќе ја изгласа како последна 29-та членка на НАТО, со што државата станува 30-та полноправна членка на алијансата.
По гласањето, знамето на НАТО беше подигнато пред Собранието.
Историскиот чин следува по долгогодишната заложба на земјата за членство во НАТО. Членството во НАТО, кое беше блокирано од 2008, се откочи со потпишувањето на преспанскиот договор, со кој беше надминат повеќедеценискиот спор за името со Грција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Граѓаните да пријават доколку некој побара награда за службено дејствие кое е обврска да се изврши“: Тошковски во посета на Отсекот за оружје – Скопје и ОВР Гевгелија

Во рамки на денешните активности, министерот за внатрешни работи, заедно со дел од раководството на Министерството, оствари посета на Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи – Скопје и на ОВР Гевгелија, при што одблиску изврши увид во тековното работење.
Посебно беше истакнато дека граѓаните од скопскиот регион, во споредба со останатите делови од државата, нешто подолго чекаат за издавање на одобренија и дозволи за оружје. Но, благодарение на соработката со судската власт, од денес е овозможена и електронска проверка во прекршочната евиденција на судовите. До вработените се дадени насоки во најкраток рок, хронолошки, да ги завршат сите преостанати проверки за лицата и да ги известат граѓаните за текот на постапките.
„Како резултат на макотрпната работа во изминатиот период, само оваа година низ државата се разгледани речиси 8.000 предмети – и од заостанатите од изминатите години и од новопристигнатите електронски барања. За споредба, она што е реализирано досега во 2025 година е четири пати повеќе од годишниот просек до 2023 година. Со новиот начин на работа се искоренува корупцијата во оваа област, која за жал беше многу изразена. Во таа насока, министерот апелира до сите граѓани да пријават доколку некој побара награда за службено дејствие кое е обврска да се изврши.“, потенцираше министерот Тошковски.
Во претстојниот период ќе се работи на надградба на дигиталната апликација, со што граѓаните ќе можат дел од доказите електронски да ги прикачат кон барањето, а единствено ќе биде потребно лично присуство само при подигнувањето на одобрението.
Министерот оствари работна посета и на ОВР Гевгелија, каде што со раководството разговараше за безбедносната состојба во регионот, кој е јужната порта на нашата земја и низ кој секое лето минуваат илјадници туристи.
Констатирано е дека безбедносната состојба е стабилна и дека во изминатиот период е забележано подобрување во речиси сите области на полициското работење.
„Цврсто верувам дека вистинската сила на полицијата лежи во партнерството, во блиската соработка со локалните структури и со самите граѓани. Само така можеме заеднички да обезбедиме мирна и безбедна средина за сите“, истакна министерот.
Македонија
Сиљановска-Давкова од Копенхаген: Ако ЕУ сака да биде геополитичка унија, не смее да го остави Западен Балкан во геополитички вакуум

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на панел дискусијата насловена „Безбедност и отпорност – традиционални и нови закани”, во рамки на Седмиот состанок на Европската политичка заедница којшто се одржува во Копенхаген, Данска.
Споменувајќи ги војната во Украина, конфликтот на Блискиот Исток и транснационалните закани, односно организираниот криминал, нелегалната миграција, сајбер нападите и злоупотребата на вештачката интелигенција, како предизвици за мирот и стабилноста на Европа, Сиљановска-Давкова истакна дека државава во сите горенаведени случаи прави напори да делува конструктивно.
Истовремено, таа посочи дека европскиот континент не е безбеден сè додека земјите од Западен Балкан се надвор од Унијата и додаде дека евроинтеграцијата на регионот мора да се заснова исклучиво на Копенхагенските критериуми.
Во однос на македонскиот евроинтегративен пат, Сиљановска-Давкова потенцираше дека не е логично ЕУ себеси да се дефинира како „единство на различности“ и почитување на културните, јазичните и националните идентитети, а од нас да бара да преговараме за својата историја, култура и јазик.
Затоа, заклучи во своето обраќање претседателката „Ако ЕУ сака да биде геополитичка унија, не смее да го остави Западниот Балкан во геополитички вакуум”.
Претседателката Сиљановска-Давкова учествуваше и на настанот организиран од францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони по повод презентацијата на иницијативата на Француската Република за формирање на Европска коалиција против дрогата (ECAD).
Во рамки на дискусијата претседателката истакна дека на единството на картелите треба да се одговори со поцврсто единство и соработка на европските земји и дека тоа е можно само со интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
Македонија
Андоновски: Дигиталните реформи се двигател на подобри услуги и помалку бирократија за граѓаните

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска изрази благодарност и гордост што Република Македонија беше домаќин на Дигиталниот самит на Западен Балкан, значаен настан кој ја позиционира државата и градот Скопје како клучен регионален центар за дигитални иновации.
„Со одржувањето на овој Самит, кој свечено го отвори претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ја испраќаме јасната порака дека Македонија е подготвена да ја предводи дигиталната трансформација во регионот. Секоја дигитална реформа што ја спроведуваме е насочена кон граѓаните – кон побрзи, поефикасни услуги, кон намалување на бирократијата и создавање нови можности“, изјави Андоновски.
Тој посочи дека дигитализацијата не е само технолошка промена, туку суштинска трансформација која има директно влијание врз квалитетот на животот – за граѓаните кои бараат подобар пристап до јавни услуги, за семејствата на кои им е потребен поквалитетен здравствен и образовен систем, за компаниите кои сакаат полесно деловно работење и за младите кои ја гледаат својата иднина тука, во регионот.
Како дел од своето обраќање, министерот ја претстави и иницијативата за проширување на моделот „роаминг како дома“ кон Европската Унија – чекор кој, како што рече, ќе значи реално намалување на трошоците за комуникација и подобра дигитална поврзаност на граѓаните со Европа.
„Голема благодарност до сите кои придонесоа овој настан да биде организиран на највисоко ниво. Тимот на Министерството за дигитална трансформација вложи исклучителен труд за достојно претставување на државата и нашата визија за дигитална иднина“, истакна Андоновски во своето официјално обраќање.