Македонија
Советничката група од ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи иницијатива за повластено паркирање на лица со попреченост од цела држава

По вчерашното случување кога во јавноста излезе случајот каде лице со попреченост кое го посетува град Скопје од друг град од државата, се паркира на место означено за лица со попреченост и покрај уредно платен надомест за паркирање е казнето. Советничката група во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија до Претседателот на Совет на Град Скопје поднесе барање за дополнување на дневниот ред со точка предлог иницијатива за изменување на Програмата за повластено користење на паркинг услуги на јавните паркиралишта и површини наменети за паркирање со кои стопанисува ЈП „Градски Паркинг“ Скопје од страна на лица со попреченост за 2023 година.
Целта на оваа иницијатива е ЈП „Градски паркинг“ Скопје да обезбеди можност за паркирање на лица со попреченост под исти услови независно од нивното место на живеење и да ја прошири листата на дијагнози на лица со попреченост.
Ги повикуваaт и очекуваат поддршка и од останатите советнички групи во Советот на Град Скопје за поддршка на оваа иницијатива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
718 прекршоци за пречекорување на дозволената брзина во текот на викендот, 106 возеле во алкохолизирана состојба

Во текот на последниот викенд од овој месец, според бројките од полициските сообраќајни контроли на ниво на целата држава, се чини дека како по некое непишано правило за учесниците во сообраќајот значи своевидно опшуштање во поглед на почитувањето на сообраќајните правила и прописи, велат од МВР.
„Па така, во рамки на извршените сообраќајни прегледи (21/22/23.02), од 2.228 издадени платни налози дури 718 прекршоци се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина на движење, 106 – за возење во алкохолизирана состојба, како и 215 прекршоци што се однесуваат на управување без возачка дозвола.
Исто така, зради непочитување на одредбите околу задолжителното користење на сигурносен појас евидентирани се 171 прекршок, плус 12 прекршоци за граѓани кои што управувале моторцикли без заштитен шлем, а за користење на мобилен тлефон при возење изречени биле 45 прекршочни казни. Воедно, (компаративно гледано во споредба со минатиот викенд) има благ пад по однос на прекршоците поврзани со неправилно паркирање – 451, додека пак регистрирани се 15 случаи на минување на црвено и 28 прекршоци од страна на пешаци, а согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, соопшти МВР.
Македонија
СДСМ: Поддршка за украинскиот народ, нивната борба е наша заедничка борба за свет во кој владеат мирот, демократијата и човековите права

Денеска на точно три години од почетокот на неиспровоцираната руска агресија врз Украина, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија изразува искрена поддршка и солидарност кон украинскиот народ во неговата херојска борба за слобода, демократија и суверенитет, велат од СДСМ.
„Храброста, достоинството и отпорот на украинските граѓани се пример за целиот свет дека слободата и демократските вредности секогаш ќе надвладеат над агресијата и насилството. СДСМ ги поздравува напорите на меѓународната заедница, особено САД и Европската Унија, кои цврсто стоеја сите изминати три години покрај Украина и ја поддржуваа во нејзината праведна борба. Изразуваме надеж и уверување дека оваа поддршка ќе продолжи се додека мирот, територијалниот интегритет и безбедноста на Украина не бидат целосно обезбедени“, посочуваат од партијата и додаваат:
„СДСМ дава целосна поддршка на Украина и нејзините граѓани. Нивната борба е наша заедничка борба за свет во кој владеат мирот, демократијата и човековите права“.
Македонија
Андоновски: Македонија станува лидер во електронските услуги во Западен Балкан

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски се обрати на Регионалниот развоен форум во организација на Интернационалната телекомуникациска унија (ИТУ), кој овие денови се одржува во Будимпешта, Република Унгарија.
На сесијата посветена на состојбата на дигиталниот развој, предизвиците и можностите на новите трендови, Андоновски истакна дека во Македонија дигиталната индустрија придонесува со над 5% во БДП, и дека оваа бројка оди во нагорна линија.
„Нашата цел е да го забрзаме овој раст со инвестирање во вештачка интелигенција, сајбер безбедност и дигитална инфраструктура, осигурувајќи дека секој граѓанин има пристап до брзи, сигурни и безбедни дигитални услуги. Гледајќи напред кон 2025 година, нашата следна пресвртница е да ги прошириме дигиталните владини услуги и да развиеме иницијативи за паметни градови, системи за дигитален идентитет и автоматизација на ВИ. Ние не сакаме само да бидеме во чекор со дигиталната револуција – сакаме Македонија да стане лидер во дигиталното управување во Западен Балкан“, изјави министерот Андоновски.
Андоновски додаде и дека дигитализацијата не се простира само во рамки на државните граници, и затоа Македонија е посветена на регионална соработка во делот на Дигиталната агенда за Западен Балкан и усогласувањето со дигиталните политики на ЕУ.
„Со споделување на најдобрите практики, усогласување на регулативите и инвестирање во прекугранична инфраструктура, можеме колективно да ја забрзаме дигиталната трансформација низ земјите од Југоисточна Европа.”
Тој надополни и дека дигиталната трансформација мора да се изгради на три столба.
„Дигиталната трансформација мора да се изгради на три столба: поврзаност, сајбер безбедност и инклузивност. Ако ги обезбедиме сите три, ќе создадеме поконкурентна, поиновативна и поподготвена Македонија за иднината” заврши Андоновски.