Македонија
Сојуз на средношколци: прифатени се три од четири наши барања
Денес во 13:30 часот делегација на Сојузот на средношколци, овластена од Генералното собрание како официјално претставничко тело на средношколците, одржа средба со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, државната секретарка при МОН, Анета Трпевска, и в.д. директорката на Државниот испитен центар, Благица Павловска. Делегацијата беше составена од Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот, Јана Попова, прва потпретседателка на Сојузот и Лука Кадриќ и Марија Јовановска, младински амбасадори.
За време на оваа средба делегацијата на Сојузот преговараше по однос на нашите четири барања за прилагодување и олеснување на државната матура. Беше прифатено најважното прво барање. Министерството на образование и наука преку Владата ќе им препорача на сите универзитети во земјава да ги променат коефициентите за упис и со тоа да го променат соодносот на поените што ги носат екстерните испити што ги носат интерните испити. Имено, од сегашните 24, односно 12, екстерните ќе носат најмногу 20 поени, а интерните најмногу 16. Проектната задача ќе продолжи да носи 4 поени.
Министерството за образование и наука го прифати и нашето второ барање, односно Владата ќе им препорача на сите домашни универзитети првиот екстерен испит (мајчин јазик) да го сметаат за соодветен за сите студиски програми. Бидејќи оценката од соодветните испити се множи со повисок коефициент, ова значи дека по автоматизам матурантите ќе добијат повеќе поени од овој испит, а државата ќе покаже грижа за важноста на мајчиниот јазик.
Поради фактот дека Календарот за оваа учебна година е веќе донесен, а дополнителна компликација создава продолжениот викенд предизвикан од православниот празник Духовден, не беше прифатено нашето трето барање првиот екстерен испит да се премести од 27 мај на 3 јуни. Ни беше понудено компромисно решение – интервенција во обемот на првиот екстерен испит во поглед на бројот на бодови на тестот.
Кај надлежните наидовме и на разбирање за четвртото барање. Значително олеснување матурантите оваа година ќе добијат бидејќи наставниците ќе ги споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред денот на интерниот испит. Бројот на прашања во банките ќе биде 3 пати поголем од бројот на прашања на испитот.
Имајќи го предвид понудениот компромис, Извршниот одбор на Сојузот свика вонредна седница на Генералното собрание која ќе се одржи онлајн вечерва. На истата ќе се одлучува дали ќе се прифати или ќе се одбие предложеното решение. За исходот на истата благовремено ќе ја известиме јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Панична пропаганда се за Петрушевски обвинувањата од СДСМ за реформите во ВМРО-ДПМНЕ
„Обвинувањата на СДС се класичен пример на панична пропаганда без факти и без аргументи“, рече денес пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, одговарајќи на обвинувањата од СДСМ дека место нови лица старата банда е реформата во ВМРО-ДПМНЕ.
„Факт е дека Драган Ковачки поседува валиден НАТО сертификат, што целосно ги демантира лагите дека бил ’одбиен од НАТО’ или дека не исполнувал безбедносни услови. Сѐ друго е злонамерна конструкција за дневнополитички потреби. ВМРО-ДПМНЕ спроведува внатрепартиски реформи согласно Статутот и со јасна цел, ефикасна, одговорна и европски ориентирана партија. Обвинувањата за наводна контрола врз институции и медиуми се неосновани и доаѓаат од структури кои со години ја злоупотребуваа државата и сега се плашат од одговорност“, рече Петрушевски.
ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи Петрушевски, останува цврсто посветена на политиките што значат Македонија интегрирана во ЕУ, стабилен НАТО партнер и заштита на државните и националните интереси.

